Македонија
28. November 2019 - 16:40

Без директор на ДЗР нема ревизија на работата на СЈО, но ниту на изборната кампања

Ревизија на работата на Специјалното јавно обвинителство не може да се направи без потпис од главен државен ревизор. 90-тина вработени бараат тој итно да се избере за да можат законски да си ја вршат работата. Велат дека ревизија на работата на СЈО било планирано уште пред да излезе аферата за доделување бонуси на обвинителите.

-Таа ревизија на субјектот кој вие го спомнавте ќе се врши во рамките на законските можности во ситуацијата, ништо повеќе, ништо помалку. Ние не отстапуваме од тоа, ниту пак, ја отстапуваме нашата програма врз база на информациите кои вие ги пласирате. Имаме и друг вид на ревизии кои се во тек и нашите ревизори ги работат на терен и кои реков ќе бидат завршени професионално, согласно стандардите. Меѓутоа, не може да бидат објавени до субјектот и не можат да бидат објавени транспарентно на јавноста, вели ревизорот Мијалче Дургутов.

Неизборот на државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на изборите, бидејќи Заводот во овие услови не би можел да врши ревизија на изборните кампањи.

А без политички договор помеѓу партиите нема избор на главен државен ревизор. Ваков одговор добиле вработените на вчерашната средба во Собранието.

Ревизорите велат дека доколку под итно тој не биде изберен, ќе се соочат со законско престанување со работа и не ќе можат да ја реализираат тековната програма за работа до крај.

- Ние сме подготвени со нашите кадри кои знаат тоа добро да го изработат на новиот главен државен ревизор да му дадеме готова годишна програма. Меѓутоа, без негово назначување нема кој да ја донесе програма, вели Дургутов.

Бидејќи нема прв човек, Државниот завод за ревизија трупа долгови. Вработените велат дека веќе е доспеан долг од 1 милион и 200 илјади денари. Не можат да ги плаќаат ниту сметките за комуналии, ниту да земат плата. Од 4 октомври му истокол мандатот и на заменикот ДЗР.

За оваа година планирани биле 54 ревизии. 12 се уште се во тек и треба да завршат до крајот на годината. А само за 11 ДЗР успеал да достави целосен извештај.