Бизнис
7. November 2016 - 20:06

Бесплатни економски и правни совети за стартап компаниите

Македонците се онлајн нација но треба повеќе да ги користат компјутерите за претприемништво и развивање на бизниси. Пристапот до финансии и пазари, и немањето на контакти со други компании од земјава и странство остануваат главни пречки за стартапите. Стопанската комора и ПСМ Фондацијата ги повикуваат сите новоосновани фирми, да им се обратат и кај нив бесплатно да добијат правни и економски совети.

- Заедно со ПСМ-инкубаторот ќе им овозможиме обуки и поддршка во однос на клучните дилеми, како да основаат бизнис, како да најдат кадри, како да го финансираат работењето и да дојдат до контакти со домашни и странски партнери, а преку нив и до пазарите, домашни или странски, истакна на прес-конференција Софче Јовановска од Стопанската комора.

Стартапите многу тешко доаѓаат до банкарски продукти, поради големиот ризик брзо да пропаднат. Веќе две години ваквите компании во земјава имаат можност да ги користат средствата  што им ги нуди Фондот за иновации. Досега 33 од нив ја искористија можноста. За една недела ќе бидат објавени уште 15 иновативни фирми кои Фондот ќе ги финансира.

Од ПСМ Фондацијата истакнуваат дека тие им помагаат на фирмите да најдат и алтернативни начини на финансирање. Ги информираат и за правната регулатива.

Според последните статистички податоци вкупно 75,3 отсто од домаќинствата во земјава користат интернет, а повеќе од 60 % од нив се онлајн секој ден. Лани од околу 70 100 компании,  10 % се стартап бизниси односно компании не постари од 6 години.