Македонија
5. јуни 2023 - 12:20

Бесплатна градинка и оброци за учениците во Лозово

Родителите на децата од предшколска возраст во малата рурална општина Лозово ќе бидат ослободени од плаќање на градинка. За бесплатната градинка за 45 дечиња од следниот месец, од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 400.000 денари. 

Сите деца заслужуваат еднакви услови. Со тоа ќе овозможиме да може да бидат запишани максимален број на деца во детската градинка, а ќе оставиме повеќе финансиски средства за родителите да можат да ги искористат за други намени, изјави Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово.

На иницијатива на градоначалникот, советниците донесоа и одлука со 700.000 денари да ги субвенционираат оброците од месец септември на 140 ученици во ООУ „Методи Митевски-Брицо“.

„Мојата иницијатива до Советот на Општина Лозово е за учениците од прво до петто одделение да биде обезбеден бесплатен оброк, додека за наредната година да размислуваме доколку имаме финансиски средства, да можеме да ги опфатиме и погорните одделенија“, изјави Цветковски.

Годинава за прв пат во Лозово ќе се воведе стипендирање на средношколци и студенти и бесплатна забава за полуматурантите.

Она вистинското што треба една локална самоуправа да го понуди е да биде вистински сервис на граѓаните, додаде  Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово.

Од септември ќе се доделуваат и ваучери за првооделенците, како и по 10.000 денари за секое новородено дете.