Бизнис
23. April 2022 - 8:44

Бесими: Преземените мерки веќе даваат резултат

  Во првиот квартал, реално имавме инфлација од 7,7%. Генерално, во овој период се работи за увезена инфлација и многу ќе зависи како ќе се движат цените на европските пазари и како тоа ќе се преслика и кај нас. Преземаме мерки за да го ублажиме тој ефект, и тие веќе даваат резултати, вели за Гласот на Америка министерот за финансии Фатмир Бесими, кој во Вашингтон учествува на пролетните средби на ММФ и Светска банка.

Бесими смета дека најголемата неизвесност е дали и колку ќе продолжи војната во Украина.

– Сите проекции, таканаречена „корекција надоле“, како ризик што постои, доколку продолжи војната сите овие ефекти – ќе продолжат да се чувствуваат во нашата економија. Секоја криза што продолжува, истоштува. Се надеваме дека во овој период се преземаат сите мерки не само од наша страна туку и од Европа, од меѓународните финансиски институции, како да се прилагодат кон ваквите сценарија. ММФ веќе најави дека има нови инструменти, за да предвидиме нова ситуација во иднина, вели Бесими.

Војната во Украина и импактот од санкциите на меѓународната заедница против Русија, кон кои се придруживме и ние како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, се чувствува и кај нас, особено во однос на цените не енергенсите и на прехранбените производи.

– На среден и на долг рок, зависно колку ќе трае војната, толку ќе влијаат и таквите импликации и врз нас. Да претпоставиме дека и утре ќе заврши војната во Украина, нема преку ноќ да се сменат работите. Ќе треба одреден временски период да се прилагоди економијата на нормален колосек. Веќе изготвуваме среднорочни планови како да се прилагодиме на новата состојба, и нашата економија да продолжи да јакне, изјави Бесими.

За тоа дали во случај на продлабочување на војната во Украина, има можност времено да се oдложат кредитните обврски на граѓаните и фирмите, по примерот на таквата мерка на почетокот на глобалната пандемија со Ковид-19, министерот вели дека такво нешто во моментов не се разгледува.

– Економската криза со инфлација е многу поразлична од таа за време на здравствената криза со пандемијата, кога имаше целосен застој на производството и немаше воопшто економска активност. Сега е обратна ситуацијата, има економска активност, но цените растат. Тоа се различни типови на криза, наведува Бесими.