Бизнис
9. February 2021 - 12:43

Бесими: Антикризните мерки ќе ја раздвижат економијата

Грантови за остварени позитивни економски резултати, финансиска поддршка на извозот и значително олеснет пристап до кредити и пари преку фондови ветува владата во новиот сет антикризни мерки. Министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна објавена на веб сајтот на министерството вели дека петтиот пакет антикризни мерки ќе дадат поддршка на развојната компонента во бизнисот и ќе овозможат економијата да генерира раст. 

Вели дека очекува мерките наскоро да бидат донесени и да обезбедат ревитализација и развој.

-Петтиот сет на антикризни мерки е создаден врз основа на интенциите да се поттикнат позитивни деловни резултати, да се поддржи извозната активност, да се поддржи пристапот до капитал на фирмите, да се поттикне инвестициската активност, да се подобри конкурентноста, инвестиции во човечки капитал, дигитализација и инвестиции во иновации и развој, односно да се даде поддршка на ревитализацијата и развојот, пишува Бесими.

За периодот кој следи, Бесими вели дека Владата фокусот ќе го стави на три главни цели. Клучно ќе биде здравјето на граѓаните, нивната социјална сигурност и поддршка на економијата и стопанството, пишува Бесими. 

Според него, во таа насока е и фискалната политика, потенцирајќи дека од буџетот се одвоени 640 милиони евра за здравството, милијарда и половина за социјала и некаде исто толку за поддршка на економскиот развој. 

Антикризните мерки на Заев и СДСМ се купи ден продај проекти, од кои освен краткорочен рејтинг со поткуп  во корист на СДСМ ефектот е нула, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение испратено утрово. 

„55.000 луѓе останаа без работа, а 1.5 милијарди евра се потрошија, за каков успех зборува власта?! Јавниот долг за првпат е над 60% од БДП, а ефектите од тоа задолжување не само што се нула, туку одат во минус.

Ефектите врз економијата ќе беа далеку поголеми, доколку СДСМ се насочеше на реална помош и поттик на стопанството и граѓаните, а не само на поткуп во корист на нивниот рејтинг пред избори, ефект никаков, а штетите се огромни, како по компаниите, така и по празниот буџет на државата, од кој треба да се враќаат милијардите за кои Заев не задолжи.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.