Македонија
12. January 2022 - 21:15

Беса транс ја изгуби и последната лиценца за туристичка дејност

По речиси два месеци од автобуската несреќа во Бугарија, конечно е одземена лиценцата за работа на туристичката агенција Беса Транс, во чија сопственост беше опожарениот автобус. Министерот за економија, Крешник Бектеши, преку својот Фејсбук профил информираше дека компанијата не работи и во неа не е направен инспекциски надзор.

„Канцелариите се затворени и во истите не може да се изврши инспекциски надзор, по што како министер за економија донесов Решение за одземање на лиценцата.
Ги повикуваме сите граѓани кои ќе патуваат да проверат со кои туристички агенции патуваат, односно дали имаат важечки лиценци за работа издадени од Министерството за економија“, напиша министерот Бектеши.

Инаку, само еден ден по несреќата Министерството за транспорт на Беса Транс и ја одзеде лиценцата за меѓународен превоз на патници.
Во меѓувреме, проверките во Царинската управа покажаа дека автобусот повеќе од 120 пати ја минал границата со фалсификувани или невалидни документи. Јавното обвинителство сè уште ја води истрагата за несреќата.
Автобуската несреќа се случи на 23 ноември во раните утрински часови на автопатот „Струма“ во Бугарија. Животот го загубија 45 патници и само седуммина преживејаа. Автобусот полн со патници се враќаше од Истанбул, каде агенцијата редовно организираше туристички посети.