Беса официјално надвор од Владата
Беса официјално не е повеќе дел од владата - ова е исходот од денешната работа на пратениците, откако на министерот за земјоделство Аријанит Хоџа кој доаѓа од редовите на БЕСА му беше констатирана оставка од функцијата. Освен што министерската фотелја засега останува празна, од функциите си заминуваат и замениците-министри за образование и култура кои доаѓаат од истата партија.
Но уште еден момент ја одбележа денешната собраниска седница. Ова е прв пат по долг период Собранието да нема проблем да обезбеди кворум. Доказ за тоа се одлуките кои речиси 2 часа се носеа со 61 до 64 гласа ЗА, а станува збор за околу 50 предлог закони за кои се расправаше дали да се носат по скратена постапка.
Во меѓувреме, малите политички партии излегоа со нови барања. Сакаат една изборна единица и иницираат средба за измени на Изборниот законик. Не прецизираа дали овие барања се услов за да останат во владината коалиција.
Прва поголема задача на пратениците ќе биде усвојувањето на Буџетот. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека амандманите кои ги поднеле тие а се од суштинско значење, не се прифатени.
Но СДСМ не се согласува со ова.
Денешната собраниска седница е првата по неуспешниот обид да се изгласа недоверба на Владата.
-
Елена Милошевска
Сите содржини од овој новинар
