Македонија
3. March 2020 - 8:10

Берлин е за брзо почнување на преговорите со Скопје и Тирана

По позитивните оценки од ЕК за Македонија и за Албанија, Германија се залага за брз почеток на преговорите за членство на двете земји во ЕУ, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

– Двете земји направија јасен прогрес во клучните реформи области, особено во зајакнувањето на судскиот систем и борбата против организираниот криминал. Ние ги споделуваме позитивните оценки на ЕК. Затоа се залагаме за брз старт на преговорите за членство во ЕУ. Пристапните преговори се најдобрата алатка што може да им се даде на Албанија и на Македонија и најдобрата можна поддршка на за понатамошен напредок, оценува Мас.

Шефот на германската дипломатија предупредува дека неотворањето на преговорите ќе биде штетно за двете земји, но и за ЕУ и Германија.

– Без охрабрувачки знак од ЕУ, ќе го загрозиме големиот напредок постигнат во последните години. Тоа ќе им наштети и на интересите на ЕУ и на Германија. Ни требаат стабилни, ефикасни и демократски држави на Западен Балкан, истакнува Хајко Мас во пишаната изјава објавена на веб страницата на германското МНР по објавените позитивни извештаи на ЕК за Македонија и Албанија и обновената препорака за старт на пристапните преговори.

Европската комисија во вчера објавените извешати, нагласува дека Скопје и Тирана ги исполниле критериумите за почеток на преговорите и оти очекува Советот на ЕУ во наредните недели да донесе позитивна одлука.

Извештаите објавени го поздравуваат напредокот во двете земји. За Македонија, ЕК смета дека земјата презела значајни чекори за зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, и остварила напредок во реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.