Бизнис
15. October 2015 - 13:48

Бенце: Бегалската криза не е пречка за економската размена

Подобрување на протоколите за транспорт, поедноставување на процедурите и олеснување на транспортните нецарински бариери, бараат стопанствениците од Македонија и Унгарија. 

Како што беше речено на денешниот билатерален бизнис форум во Стопанската комора на Македонија, застојот во протокот на стоки и затворањето на границите се фактори кои влијаат на размената и на нив мора да се поработи. 

Според македонските статистики, размената меѓу двете земји бележи благ пад од околу 20 отсто, а унгарските податоци покажуваат рекордни бројки во размената и зголемување за 20 проценти.

- Минатата година бележиме рекордна размена со преку 150 милиони евра што е највисоко ниво во последните 20 години и 20 проценти повеќе од 2013 година. Првите шест месеци од годинава, пак, размената е зголемена за 12 отсто во однос на истиот период лани. Пад е евидентиран само во еден сегмент - земјоделството, но успеавме да напрвиме исчекор во размената со техничка стока, машинска индустрија, автомобилската индустрија,..., истакна унгарскиот амбасадор во земјава Јозеф Бенце.

Точно е, додаде, дека извозот на Унгарија во Македонија е поголем, но во последно време расте и извозот од македонска страна. 

- Поставени сите правни и политички односи за проширување на економската соработка, но добро е стопанствениците почесто да имаат прилики директно да се сретнуваат, да се запознаваат и да градат односи на доверба, оцени амбасадорот.

Тој воедно подвлече дека бегалската криза не претставува никаква пречка за економската соработка. - Граѓаните треба да знаат дека не постојат никакви проблеми. Оградата што ја постави унгарската влада се однесува исклучиво на т.н. зелена граница, додека сите други премини и транспортот на стоки се одвива без пречки, потенцира Бенце.

Според претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија Антони Пешев, во периодот јануари - јуни годинава македонско-унгарската трговска размена е околу 55 милиони долари што е пад за 20 отсто во вкупниот обем, но македонскиот извоз расте постепено и изразен е интересот на унагрската страна за подобрување на односите во овој правец.

- Подобрен е дисбалансот меѓу извозот и увозот, но се уште на штета на македонската страна. Сепак, забележан е пораст на извозот, една третина е извоз, а две третини се увоз, рече Пешев.

Македонија и Унгарија потенцијал за соработка најмногу гледаат во земјоделството. За таа цел, најави Бенце,  од декември годинава во унгарската амбасада ќе се постави посебно аташе за секторот земјоделство чија цел ќе биде развивање на односите конкретно во оваа сфера.

Амбасадорот потсети дека во насока на уште поголемо интензивирање на економските односи кои и засега се многу добри, изминатите три години се потпишани десет спогодби, а основана и мешовитата унгарско-македонска комисија. Во декември во Будимпешта ќе се одржи и третата годишна средба на ова тело на која се очекува потпишување уште една спогодба во делот на земјоделството. Пред една година, пак, во Скопје отворено е претставништво на Унгарската национална трговска куѓа, не само за Македонија, туку и за целиот регион.

Одговорајќи на новинарско прашање, Пешев рече дека не очекува, ниту има наговестување за покренување каков било судски спор против хрватските власти со кои би се решиле загубите на македонските транспортери од затворањето на границата поради бегалците. Тоа, оцени, не би било добар сигнал за нашите тамошни дологодишни партнери.

- Ако проблемите продолжат и ако има натамошна блокада на транспортот, тогаш може да дојде до таков тип на разрешница, но сега, во овој момент, нема наговестување за такво нешто зашто и покрај штетите, се оцени дека тоа е составен дел од ситуацијата во која се најдовме сите, не по наша вина, истака Пешев.

Освен на денешниот бизнис-форум што го организираше Стопанската комора, унгарските компании од различни индустриски сектори вчера учествуваа и на трилатералниот деловен форум заедно со тајванските и македонските стопанственици што го организира Сојузот на стопанските комори во рамки на саемот Технома 2015 на кој, како што рече амбасадорот Бенце, се претставуваат 12 фирми од Унгарија.