Македонија
5. December 2022 - 15:22

Бектеши: Електрична и топлинска енергија ќе има без застои до крајот на грејната сезона

– Граѓаните да бидат спокојни зашто електрична и топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, без застои и без оптоварување на нивниот буџет. Не треба да веруваат во секакви непроверени информации и во паниката од опозицијата зашто тоа може да биде на штета на домаќинствата кои, слушајќи ги, може да прават дополнителни трошоци за алтернативно загревање, порача министерот за економија Крешник Бектеши.

Со оглед на зголемувањето на ДДВ, конечна одлука нема за цената на струјата за домаќинства, неа ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, посочи Бектеши. На состанок на Енергетскиот совет денеска ќе ги разгледаат сите опции за да нема зголемување на цената од 1 јануари имајќи го предвид, како што рече, влијанието што би можело да го има Владата со одредување на цената на ЕСМ која ја нуди за универзалниот снабдувач.

-Ние ќе бидеме посветени за да нема зголемување на цената на електрична енергија посебно за домаќинствата во првите шест месеци од наредната година, рече Бектеши на прес-конференција. Промена на блоковите во домаќинствата најверојатно ќе нема, се разгледува можноста да се воведат блокови и за малите потрошувачи – микро и мали компании кои согласно законот можат  да користат струја од регулиран пазар.

До 20-25 декември ЕСМ ќе подготви информација со анализи и проекции, која Владата ќе ја разгледа на затворена седница, и согласно податоците Владата ќе одлучи за цената која ЕСМ ќе ја понуди за универзалниот снабдувач и ќе учествува во тендерската постапка, во овој случај на ЕВН хоум.

-Има време уште три недели, во моментот кога информацијата ќе стигне во Владата, ќе ја известиме јавноста каква одлука донела владата. Одлуката ќе биде во интерес на граѓаните со цел да не плаќаат повисоки сметки во првите шест месеци од наредната година. За граѓаните кои се во прв и втор блок, што се мнозинство во државава, не очекуваме зголемување на цената за електрична енергија. Владата ќе одлучи за цената со која ЕСМ ќе продава до универзалниот снабдувач.

Но, не е в ред некои домаќинства со повисоки приходи да плаќаат иста цена  со оние со просечни приходи, а во време на криза да трошат повеќе и од некои големи компании односно над 30-40 мегавати месечно.

-Тие домаќинства ќе плаќаат согласно пазарните услови за електрична енергија, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ЕВН хоум и од страна на ЕСМ. А домаќинствата со просечни приходи во нашата држава, ќе плаќаат цена за електрична енергија како во моментов, што значи дека не би требало да биде поголема од 48 евра, рече Бектеши.

Истакна дека неодговорно и недомаќинско работење Владата нема да поддржи и дека тоа јавно ќе биде објавено. Неприфатливо е, рече, да се трошат непотребно средства кога Владата веќе ги одредила количините за снабдување со електрична енергија на основните и средните училишта. Некои директори на училиштата, како што рече, не се пријавиле за обезбедување струја по поволна цена од 95 евра за цела грејна сезона зашто не нашле време што го имале со недели за да пополнат апликација.

-Речиси половина од основните и средните училишта во нашата држава не аплицирале, не биле заинтересирани да имаат поволна цена на електрична енергија која ќе ја обезбеди ЕСМ за нивните потреби. Тоа е неодговорно однесување на сите тие што раководат со училиштата и според мене намерно прават дополнително трошок на општините кои се пари на граѓаните, рече Бектеши, додавајќи дека истото важи и за јавни комунални претпријатија кои не аплицирале за субвенционирана цена и со денешните цени да плаќаат по 400 евра или трипати поскапо од тоа што можеле да го добијат.

Сите тие што работат недомаќински не се грижат за буџетот, рече, и не треба да се на тие позиции. Повика ЕСМ да ги објави јавно тие училишта и јавни комунални претпријатија кои не аплицирале за субвенционирана цена за електрична енергија за цела грејна сезона и сега да плаќаат по 400 евра или трипати поскапо.

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски потсети дека ЕСМ е задолжено од Владата од 1 декември да ги снабдува со електрична енергија основните и средните училишта, јавните водоводни и комунални претпријатија во делот само на пумпите и дел од прехранбената индустрија.

-Во најголем дел тоа го направи со склучување договори, останати се уште дваесетина компании кои треба да ги направат дополнителните документи, и тие ќе бидат вклучени со снабдување со електрична енергија… , рече Ковачевски.

До крајот на неделата, рече, ќе се знае колку дневно и неделно ќе биде потребна дополнително енергија. – Таа енергија ЕСМ продажба ќе ја обезбеди дел од сопственото производство на ЕСМ, а дел од извршените набавки што ги врши во овој период. До крајот на неделата ќе имаме точна пресметка колку дополнително овие договорни органи ќе имаат потреба од електрична енергија и колку тоа финансиски ќе треба Владата да го надомести кон ЕСМ Продажба, рече Ковачевски.

Појасни дека ЕСМ своето производство го базира примарно за обезбедување електрична енергија кон универзалниот снабдувач ЕВН хоум, односно за домаќинствата и малите потрошувачи.

-И тоа го правиме 100 проценти. Значи, електричната енергија што се набавува не е за универзалниот снабдувач и нема да влијае врз крајната цена која ќе се формира на крајот од годината за периодот 1 јануари – 30 јуни. ЕСМ Продажба е фирма која е регистрирана лиценцирана за трговија со електрична енергија, ја купува и продава, и во тие набавки што ги кажуваме дневно и ја информираме јавноста се и претходно склучените договори со најголем дел од здравствените институции – болниците, клиниките и малите здравствени установи, виталните институции во државата што ги снабдува ЕСМ и сите договорни органи со кои има склучено договор. ЕСМ ја набавува електричната енергија и ја продава. Некаде, со препорака на Владата, ја продава по пониска цена и Владата ја надополнува разликата, но некаде ја продава  од набавната цена плус маржа, рече Ковачевски.

Ново на Сител