Македонија
13. August 2019 - 16:28

Беџети ги обвини Заев и Шилегов дека преговарале за дивоградите на Матка

Во телефонски повик премиерот Заев директно бараше од мене да влијаам за смена на претседател на суд. Ова го тврди градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, обвинувајќи дека откако го одбил ваквото барање, Антикорупциската комисија му се реванширала со отворање на постапка за дивите платформи на Матка.

Беџети е уверен дека пријавата претставува директен политички притисок врз неговата работа.

Беџети открива дека минатата година, преку возачот на премиерот Заев, добил документи за поништување на легализацијата на една од платформите на Матка, врз основа на тапија за сопственост од МПЦ. Дополни дека добил предлог и од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, да биде урната само една од спортните три платформи, а останатите да продолжат да се градат.

Шилегов не негираше дека имал таков разговор со Беџети, но не гледа ништо спорно во предлогот.

Средбата со Шилегов се случила оваа пролет, кога и се градеа дивите платформи на Матка. По основ на непостапување, градоначалникот Беџети заработи пријава од Антикорупциска, а Јавното обвинителство ќе одлучува дали ќе покрене кривична постапка против него.

Првиот човек на Сарај најави дека ќе поднесе кривични пријави против членовите на Антикорупциска за злоупотреба на службената положба и овластување, како и распишување на референдум за жителите на Сарај, доколку Владата му ги одземе надлежностите за Матка.