Свет
11. March 2020 - 10:32

Бајден сè поблиску до номинација за претседателски кандидат од Демократската партија

Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден на вчерашните внатрепартиски избори за претседателски кандидат од редовите на Демократската партија, забележа клучна победа во Мичиген, со што се зголемија шансите тој да биде демократот кој ќе се спротивстави на актуелниот претседател Доналд Трамп во ноември.

-Изгледа дека имаме уште една добра ноќ – победивме во Мисисипи, Мисури и Мичиген, изјави Бајден во говорот во Филаделфија.

-Пред само една недела, голем број аналитичари тврдеја дека оваа кандидатура е мртва. Сега и тоа како е жива, рече поранешниот потпретседател на САД, кој служеше два мандати под Барак Обама.

Исто како и по минатонеделниот добар резултат на т.н. „супер вторник“, кога победи во девет од 14 сојузни држави, Бајден победите ги посвети на „оние на кои не се сметало“ и „оние кои се оставени по страна“. По „супер вторникот“, голем дел од претендентите за партиски претседателски кандидат, кои се повлекоа од претседателската трка, го поддржаа Бајден.

Избори се одржаа и во западните сојузни држави Ајдахо, Северна Дакота и Вашингтон, но таму биралиштата подоцна се затворија, па се уште нема опфицијални податоци.

За некој да ја добие номинацијата, потребни се 1.991 делегат. Досега се објавени 1.651 делегати, од кои 823 се на Бајден, 663 на Сандерс и само 69 на Елизабет Ворен.