Свет
14. May 2019 - 15:38

Автомобил удри во авионот на Меркел

 

Еден автомобил удри во авионот на германската канцеларка Ангела Меркел на аеродромот во Дортмунд, поради што шефицата на германската Влада морала да се врати во Берлин со хеликоптер.

Авионот на германскиот Бундесвер, кој го користи Владата, од типот „Глобал 5000“, се наоѓал на паркинг позиција, соопшти германската армија.

Канцеларката требала со тој авион да се врати во Берлин.

Според германските медиуми, вработена на аеродромот, која возела црвен транспортер, поминувала покрај авионот со натпис „Сојузна Република Германија“, а кога го видела авионот, излегла од возилото за да направи фотографија со својот мобилен телефон.

Меѓутоа, заборавила да ја повлече рачната сопирачка, а нејзиното возило, без возач, тргнало кон авионот и удрило во него.

Во изминатите месеци зачестија проблемите со државните авиони на Германија.
Во април, при слетувањето во Њујорк на владиниот авион „Конрад Аденауер“, му пукна гумата на тркало, што предизвика доцнење на шефот на германската дипломатија Хајко Мас на седница во ОН.

Во февруари, Мас остана подолго во Мали, бидејќи беше откриен технички дефект на неговиот авион, кој требаше да го врати во Германија.

Претходниот месец, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер мораше да остане подолго во Етиопија, бидејќи неговиот авион се урна, а министерот за развој, Герд Милер, неодамна го продолжи престојот во Африка поради дефект на леталото со кое патуваше.