Македонија
2. October 2018 - 9:44

Авантура на четири тркала во срцето на Кожуф

Авантура на четири тркала во срцето на Кожуф, вакво прекрасно доживување имавме деновиве, кога бевме во друштво со љубители на теренски возила, кои со своите миленици возеа по испустен терен, до македонско-грчката граница. По игра на случајноста се најдовме во првиот џип од колоната, постар од нас, „ланд ровер“ стар 51 година.

Неговиот сопственик Јанче Маркушев ни кажа дека возилото некогаш било своевидна брза помош и дека има богата историја и крие многубројни животни тајни. Кога само би можело да зборува. Сега се користи главно во ловна сезона. Го купил во неисправна состојба, но како самоук мајстор го дотерал како вистински стар убавец. Километражата не му работи, но затоа пак се уште одлично функционира механизмот за природна вентилација над воланот. Со жиците и цревата наоколу, овој своевиден олдтајмер му пркоси на времето. И воопшто не пречи што многу брчи, затоа што тоа уште повеќе го прави незаборавно возењето во него. Се чувствувавме сосема сигурно, затоа што зад воланот беше човек со триесетгодишно работно искуство токму како возач во тој дел, за потребите на шумското стопанство. Ја знае секоја кривина во шумата. Со многу емоции за својата професија, ни кажа дека возењето му претставува огромно задоволство и дека зад воланот воопшто не се изморува, туку напротив, се одмора. Се случувало да вози и по шест и пол часа во еден правец, камион натоварен со трупци, по лош шумски пат.

Во селото на Доста Рожденката

Беше тоа четврти по ред „Оф роуд Трибор”, во организација на истоименото друштво за љубители на теренски возила од Кавадарци. Во акцијата учествуваа четириесетина стари и нови машини, АТВ-возила и мотори. Со стотина учесници.

Освен тоа што сретнавме неколкумина велосипедисти на почетокот од нашето патешествие, како и неколкумина селани во Рожден, берачи на шумски плодови и животни, најголемиот дел од авантурата го минавме без да сретнеме луѓе. Само природни убавини наоколу, прекрасна природа, есенско сонце што гали. Се движевме преку висорамнината Витачево и месноста Мушов Гроб, селата Мрежичко и Рожден.

кожуф

- Потекнувам од селото Рожден, тиквешко Мариово. Таму живеев до осумнаесеттата година. Бевме меѓу последните кои се иселивме. Сега повремено доаѓам пак во овој крај. Корените ме влечат. Родителите ми се вратија крај родното огниште, само зиме доаѓаат во градот, ни раскажуваше Маркушев.

На паузата во селото на Доста Рожденката од романот „Крпен живот” на Стале Попов, поразговаравме со жената која ни раскажа дека таа и сопругот имаат по две имиња. Едно според лични документи и друго според тоа како вообичаено им се обраќаат другите.

кожуф

-По лична карта сум Ружица, а најблиските ме знаат како Верка. Мажот ми е официјално Добривој, а неофицијално Дано. Е сега, можете да замислите каква збрка настанува кога на пример чекаме ред во амбуланта и не реагираме на извикувањето на нашите вистински имиња, со многу позитивна енергија ни раскажа жената крај портата од семејната куќа во селото, каде што доаѓаат повремено.

Рожденецот Ристо Павлов, пак, кој живее во градот, а во селото има имот и пчели, не почести со превкусни еколошки јаболка, чиј мирис останува да се памети.

кожуф

Таму компирот се дели со дивите свињи

Патувајќи над месноста Арничко, ја слушнавме приказната за јамите во кои некогаш под француско раководство се ископувала руда, како и  приказната за куќата во која некогаш се родиле десет деца, две сестри и осум браќа. А сега, во нејзниот двор регистриравме соларен панел за искористување на сончевата енергија. Своевремено, одделни рожденци во Арничко имале колиби и околу тие колиби ја чувале стоката. Ги видовме и мраморите од дрво над селото, во кои во минатото жените ги переле алиштата. Уживавме во пејзажите од бука, бор и ела, а како што одевме повисоко, така борот беше поприсутен на теренот. Разговаравме и за тоа колку вкусен компир раѓаат местата на кои има папрат, но разбравме дека родот мора да се дели со околните диви свињи, чии траги ги забележавме.

кожуф

Одморавме во месноста Мешник, а потоа ги слушавме кажувањата за снегот од еден метар што може да се разгази со стариот џип, ако е сув, но и за снежните виулици што во тој дел можат да навеат и до метар и половина снежна покривка. И траат до доцна пролет. Од месноста Трибор, каде што е границата помеѓу кавадаречка и прилепска општина,  може да се види Витолиште во прилепско Мариово.

Педесетгодишниот кавадарчанец Зоранчо Илиев е на привремена работа во Англија, првпат си купил џип и го испроба во Поткожувјето.

Јован Чулев, кој потекнува од Рожден, 46 години работел во Германија.

- Сум бил во многу земји во светот, но ваква природа и вакво дружење нема никаде на друго место. Убаво е да продолжи оваа традиција, ни рече тој додека мезевме и наздравувавме за здравје, седнати крај некогашната  караула на југословенската армија Голем Козјак, сега разурната. Тој е во пензија 11 години и најголем дел од времето го поминува во родниот крај.

кожуф

Во целодневното дружење не изостанаа ниту сочните тиквешки шеги. Така, на пример, се шегуваа дека во Тиквешијата по обичај возачите пијат, а не смеат да пијат совозачите. За да можат да бидат трезни и подоцна да реагираат „пази кај возиш” и слично. А дури и на околу над  1.860 метри надморска височина не се заборави да се направат шеги и на сметка на вечното ривалство помеѓу двата града, Кавадарци и Неготино. Овојпат зафрканцијата беше околу тоа дека со години наназад неготинските деца се раѓаат во кавадаречката болница.

- Вообичаено е кога ќе се роди бебе да се удри малку по газето за да заплаче, за да се јави дека дошло на свет. Е арно ама, тоа не е случај и за бебињата кои доаѓаат од Неготино, затоа што ним им е доволно да  им се каже неготинче, па да заплаче, коментираа расположените џипчии.

Убавина што го одзема здивот

Додека се местеше јарболот со македонското знаме и се правеа фотографии за спомен, не се штедеа зборови за да се опишат јачината и можностите на сопствениот миленик, учесниците во маршрутата жалеа поради тоа што забот на времето ја уништил некогашната караула. Но затоа, пак, се согласија дека околината е своевиден рај на земјата, убавина што го одзема здивот.

- Со возење џипови близу македонско-грчката граница сакаме поблиску да ја запознаеме сопствената земја со нејзините убавини или, како што вели изреката, запознајте ја татковината за да ја сакате повеќе. Целта е што повеќе љубители на недопрената природа да уживаат во мистериозните богатства што ги нудат месностите на граничната линија, ни рече Пепи Ганчев, еден од организаторите. 

Учесниците, дојдени од разни страни, имаа само пофални зборови за еден ваков начин на доближување до природата.

кожуф

- Поголем дел од масивот што го возиме на планината Кожуф се вика Трибор, па името на месноста е и составен дел на називот на нашиот клуб. Суштината е да се запознаат луѓето со убавините на оваа држава. Тука се мисли како на оние кои живеат во Македонија, а се уште недоволно ја познаваат, така и на туристите кои сакаат да бидат дел од недоволно промовирани дестинации. Не секој има можност да се движи по овој  терен затоа што теренот бара и специјални возила. Не може со секакво возило да се оди наваму. Треба возилото да има погон на сите четири тркала и опрема што може да совладува соодветни препреки таму каде што патиштата не се асфалтни. Целта ни беше да се дружиме, да прошетаме, а некои од нашите пријатели, кои првпат се тука, да видат колку е убава Македонија. И многу е интересно, со многу воодушевување, рече Ганчев.

Задоволните гости, меѓу кои имаше и припаднички на понежниот пол и деца, ги пофалија маршрутата, природата, гостопримливоста, организацијата, која помина беспрекорно и без никакви проблеми. Моќните машини, од кои некои чинат и цели богатства, ја минаа маршрутата низ повеќе села и месности.

Си ги одмерија силите на четири тркала

Се возеше маршрута од околу 160 километри. Тие што тргнаа од Кавадарци извозија осумдесетина километри по асфалт, а остатокот шумски пат и тешко прооден терен, по кој не се вози со обичен автомобил. На одредени места теренот беше навистина лош, постоеше опасност од тоа да се скрши некој дел од сопствениот миленик на четири тркала, но за вљубениците на ваков вид средби со дивината тоа беше предизвик плус да се покажат сопствените возачки способности и перформансите на теренските возила. А ги имаше од најстаро произведено во 1967  година до најнови модели на џипови, своевидни џинови. Нивните сопственици дојдоа со едниствена цел, дружење на терени што не се секому достапни и промоција на убавините со кои располага регионот. Да се видат богатствата на Кожуф на еден поинаков начин.

кожуф

Учесниците со адреналинско возење си ги одмерија силите на четири тркала, низ испустен предел. Тоа што некои претходно го имале раскажувано за своите теренци, дека ете успеале да се качат таму и таму, сега можеа и да го покажат на дело. Ова беше можност да се покаже која машина колку може. Имаше и навистина критични места, на кои и на возилата џинови не им беше лесно. Сепак, немаше натпревар или избирање супертеренец, возењето беше од ревијален карактер и имаше за цел дружење, забава, да се научи нешто повеќе за нашата прекрасна Македонија. Основно беше дружењето, но и да се запознаат техничките карактеристики на возилата и нивна споредба. Се коментираше кои се најдобрите гуми за оф роуд, кои се најмоќните машини и слично. Сите џипови се покажаа како добри, па и тој во кој се возевме ние. Иако на моменти поради лошиот терен потскокнувавме во него, коментирајќи на шега дека тоа е идеално за здравствен туризам и кршење камења во бубрези.

Стариот џип издржа и не се расипа. Интересно е што под возачкото седиште има метална фиока со катанец, за во неа да се стави алат или нешто слично. Наместо тоа, нашите пријатели таму беа ставиле пијалаци, па се шегувавме дека е тоа фрижидер. Луда машина, ете така ја нарекува Маркушев. Ни откри дека со годините и се зголемува вредноста, но засега нема намера да се оддели од својата миленичка, во која се заљубил на прв поглед. 

кожуф

Тоа беше уште еден извонредно поминат ден во планинското царство на Кожуф. Соединување со природата и уживање со сите сетила. Дишење чист и свеж планински воздух, фотографирање на неповторливите пејзажи насликани од уметничката рака на мајката природа. Не знаевме што е поубаво, тишината обвиткана со планинска магија или звуците од животинскиот свет и нивната мистерија. На заминување од таа есенска идила, посакавме да се вратиме пак во тој своевиден рај на земјата. Ја напуштивме планината, извинувајќи се што за момент го нарушивме нејзиниот спокој.

Светлана Дарудова/МИА

Ново на Сител