Македонија
12. April 2019 - 16:17

„Ауто делукс“ набавил 52 возила за државата за две години

Фирма која се јавува како донатор во кампањата на власта за помалку од 2 години инкасирала над 2 милиони евра од тендери за продажба и одржување на државни автомобили
Од почетокот на 2017 до денеска, фирмата Делукс – Ауто од Куманово според податоците од Бирото за јавни набавки на државата и продала вкупно 52 возила и за нив инкасирала нешто повеќе од 992 илјади евра.
Дополнително, оваа фирма без тендер ја доби и набавката во Министерството за внатрешни работи кога со чешка донација од милион евра беа купени 54 нови Шкода автомобили.

Управниот суд е последниот кој се подновил со нова Шкода, модел Суперб, со 150 коњски сили со таканаречен Ди Ес Џи Менувач и амбишн ниво на опременост. За овој автомобил заедно со дополнителен сет на зимски гуми на кумановската фирма Де лукс ауто според договорот објавен завчера граѓаните и платиле точно 2 милиони денари или нешто над 32 ипол илјади евра.
Истиот автомобил
со ист мотор и истата опрема, според ценовникот објавен на веб сајтот на оваа компанија можете да си го купите за точно 29.860 евра.

Од Делукс ауто купувале многу државни институции. Пред неколку дена Царинската управа си купи 11 автомобили, а во коли на оваа компанија се возат во град Скопје, Централниот регистар, Министерството за одбрана, тетовскиот суд, бирото за јавни набавки и уште многу институции

Но освен од продажба на автомобили, кумановската фирма заработила и над 200.000 евра пари од буџетот за нивно сервисирање.
Најмногу се поправале колите на општина Куманово и јавните претпријатија во овој град. Интересен е договорот за набавка на резервни делови за кумановското комунално претпријатие Чистота и Зеленило. Тие за делови за автомобил Југо платиле над 1700 евра а за Форд Сиера која не се произведува скоро 30 години нешто повеќе од 3.000 евра.
Се обидовме да ја контактираме кумановската компанија Де Лукс ауто за да ни објаснат на што се должи нивната успешност во овој бизнис и дали таа е поврзана со нивната донација во предизборната кампања на актуелната власт. До овој момент нема одговор на нашите прашања па останува нејасно, како фирма која што не е овластен увозник на овие автомобили редовно ги добива најголемиот број јавни набавки, па дури и оние на кои им конкурира компанијата која што претходно им ги продала возилата.

Во антикорупциската комисија овој случај се уште не е стигнат. Од таму велат дека се посветени на изборите и дека сите предмети кои не се поврзани со нив ќе се работат од средната на мај.

Сопственикот на Делукс Ауто пред неколку месеци излезе со став во јавноста коментирајќи дека нема никаква врска со актуелната владејачка гарнитура а нивната компанија се јавувала како донатор во кампањата на СДСМ поради тоа што на партијата и давала попуст при сервисирање на автомобили.