Македонија
9. September 2016 - 14:18

Асфалтирани улици во пробиштипската населба „Камењар“

Во пробиштипската населба „Камењар“ заврши асфалтирањето улици во должина од три километри. Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска изјави  дека останува да се асфалтираат уште  улици во оваа населба во должина од еден километар.

Градежната фирма, која го има добиено тендерот  ги има подготвено и тампонирано улиците, сега се чека само да престанат дождовите и во рок од неколку дена и овие улици да се асфалтираат.

- Станува збор за околу 20 улици кои се асфалтираат во населбата Камењар. Во долниот дел од населбата се веќе асфалтирани. Со овој проект имаме опфатено покрај асфалтерските работи и изградба на дел од водоводниот и канализациониот систем, кои што овде се правени од сопствени средства на граѓаните и затоа ние мораме со изградбата на улиците да ги поправиме сите оние шахти кои се наоѓаат на самите улици, со цел да не дојде до поголеми хаварии, вели Тоневски.

Тој најави дека деновиве ќе почнат и градежните работи на улицата „Тодор Александров“, чија санација општината ќе ја чини околу пет милиони денари. Во Пробиштип ќе се работи и на улицата „11 Октомври“, за која средствата се обезбедени од Светска банка. Во рударскиот град  Пробиштип годинава во изградба на нови улици се инвестираат околу еден милион евра.