Арсовска за Сител: Корумпираните политичари најмногу сакаат да погрешам, но јас не грешам
Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје. Ќе проверува колку пари се потрошени за украсувањето на главниот град и која фирма ги добила парите, потврди директорот Иванов.
Градоначалничката Арсовска за Сител вели дека китењето чини 30 илјади евра, но повторно не сакаше да каже кој украсува за таа сума.
„Јас не би коментирала повеќе, само ќе ви кажам дека повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје
Арсовска тврди дека распишала јавен повик за украсувањето, но досега никој го нема видено ниту повикот, ниту склучениот договор.
На веб страната на Град Скопје каде се објавени сите јавни повици, повик за новогодишно украсување нема.
Тендер за китењето нема ниту на Бирото за јавни набавки, иако според законот, за суми над илјада евра, Градот е обврзан да распише јавна набавка.
Објавен е само договор за набавка на новогодишни пакетчиња од 12 илјади евра.
„Јавни повици и јавни набавки се нешто друго. Јавните набавки одат преку системот за јавни набавки, а јавните повици, секоја локална самоуправа ќе ви каже дека оди преку дел од програмите на нашите градови, односно локалните самоуправи, општините, и за истите си има соодветна законска процедура која е почитувана, истото е правено јавно во дневните весници во Република Македонија со соодветен рок и испочитувано е се како што треба“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје
По бурните реакции во јавноста, ЛДП побара измени Законот за локална самоуправа со кои преку референдум ќе може да се отповикува градоначалник. Потребни се околу 46 илјади потписи на иницијативата. Идејата им е референдумот да се одржи заeдно со изборите во мај догодина. Начинот на собирање потписи ќе се утврдува во понеделник.
Според Арсовска, покренувањето на ваква иницијатива е елементарно непознавање.
„Пајтон партии, пајтон политичари, привезоци политички, прво не би требало да коментирам. Ама ако веќе треба да коментирам она кое сакам да го кажам е дека основното непознавање на тоа да покренете иницијатива дека истата не може да важи ретроактивно. Да тргне од некој кој седи во тие собраниски клупи е навистина несоодветно. Второ, да, јас би го поздравила, меѓутоа истото да важи и за оние кои го покренуваат. Да можеме сите да ги отповикаме, сите кои несоодветно си ја работат својата работа“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје
Оставка од Арсовска и избори во мај побара и поранешниот градоначалник Шилегов, кој на ФБ напиша оти е доблесно да си признае дека е „тотално неспособна и некадарна да го води Градот“.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар