Бизнис
29. November 2019 - 15:34

Апостолска: Компаниите ја препознаa владината поддршка

Компаниите ја препознаa поддршката што ја дава Владата за поттикнување нови инвестиции за проширување на производствените капацитети, усвојување нови и напредни технологии, формирање развојни центри и освојување нови пазари. Охрабрувачка е пораката која ја добиваме од бизнис секторот, бројот на склучени договори согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите од 97 во 2018 година се зголеми на 120 нови и 51 анекс договор кои годинава беа потпишани со домашни и странски компании, рече министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска на денешната средба со менаџментот на компанијата „Раде Кончар-Контактори и Релеи“ од Скопје.

Според Апостолска, директните придобивки за стопанството кои ги испорачува владниот План за економски раст се должат и на дијалогот со бизнис заедницата.

-Потребите на реалниот сектор ја поставија рамката на владините економски политики за инвестирање во силна и стабилна економија. Изградивме воедначен пристап во поддршката на стопанството, домашните и странските компании преку транспарентен и законски втемелен процес ја добиваат финансиската поддршка која им стои на располагање, рече министерката.

На средбата Апостолска беше запознаена со инвестициските планови на компанијата, производствениот процес и производите кои се испорачуваат на светските пазари, при што од нејзина страна беше истакнато дека успешното работење на оваа компаија е потврда за успешните владини економски политики кои се фокусирани и на зголемување на инвестициите од страна на домашните компании.

Од страна на менаџментот на компанијата беа поздравени владините економски политики од Планот за економски раст и беше оценето дека Планот овозможува одлична и значајна поддршка за континуирано инвестирање и технолошко унапредување на производствените процеси, што дава резултат и во зајакнувањето на конкуретни капацитети за излез и опстојување на светските пазари.

„Раде Кончар-Контактори и Релеи“ е комапнија со домашен капитал која произведува апарати за заварување, контактори и релеи за дистрибуција на електрична енергија. За реализација на нови капитални инвестиции годинава потпиша Договор за финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.