Свет
5. February 2017 - 10:53

Апелацискиот суд го отфрли барањето на Трамп за деблокирање на уредбата за имиграција

Американски Апелациски суд денеска го отфрли барањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп под итно повторно да се стави во сила неговата уредба за забрана за влез во САД за бегалците и државјаните од седум доминантно муслимански земји, јавија американските медиуми.

Министерството за правда на САД вчеравечер поднесе жалба против суспензијата со која судот ја  блокираше одлуката на претседателот Трамп за забрана за влез во земјата на бегалците и државјаните од седум доминантно муслимански земји, а Трамп вети дека својата одлука ќе ја врати во сила.

Во жалбата се истакнува дека  „суверено право“ на претседателот е дали странците ќе ги прими во земјата или не, наведувајќи го како „главна причина принципот дека странецот кој првпат бара влез во САД бара привилегија и нема уставни права во врска со нејзината примена“, пренесоа американските меидуми.

Американскиот претседател во саботата за  „смешна“ ја оцени пресудата на судијата Џејмс Робарт од Сиетл, порачувајќи дека одлуката на „таканаречениот судија“ ќе биде поништена.

- Ќе победиме. Заради безбедноста на земјата, ќе победиме, рече Трамп пред новинарите на Флорида, пренесоа британските медиуми.

Трамп вчера, во серија свои твитови, ја осуди одлуката која федералниот судија од Сиетл ја донесе во петокот, а во еден од нив наведе дека, заради блокирање на одлуката за забрана за влез, многу „лоши и опасни луѓе ќе можат да нагрнат во земјата“.

Американската Влада предупреди дека одлуката за укинување на забраната за патувања во САД директно и штети на јавноста.

Министерството за правда бара одлуката на судијата Робарт да биде ставена надвор од сила се додека не се одговори на поднесената жалба, нагласувајќи дека забраната за влез во земјата е неопходна „ за да се обезбеди оние на кои им е одобрен влез да немаат намера да им наштетат  на Американците и немаат врски со тероризмот“.

Во поднесокот на Министерството за правда, Трамп е наведен како еден од подносителите во својство на претседател, заедно со министерот за внатрешна безбедност, Џон Кели, и државниот секретар, Рекс Тилерсон.