Македонија
25. December 2017 - 16:28

Апелација пред одлука - дали снимката од јутјуб ќе биде доказ во „Поткуп“

„Ја користам приликата да се простиме, доста јас ве малтретирав“. Со овие зборови судјката Дијана Груевска Илиевска која изминативе две години го водеше предметот Поткуп, се прости од обвинетиот премиер Зоран Заев. Со новиот распоред Груевска е прераспределена во кривичниот оддел за полнолетни, а предметот Поткуп од следната година ќе го води друг судија.

Во исчекување на конечната одлука на Апелација дали снимката објавена на јутјуб ќе биде дел од доказите во овој предмет, денешното рочиште беше одложено за 29 јануари. Премиерот Заев и натаму тврди дека јавно објавената снимка е нецелосна. Очекува судот да ја прифати нивната жалба, но ќе ја почитува и спротивната одлука.

И адвокатите на Заев побараа Апелација да ја прогласи снимката за незаконски доказ и таа да не биде изведена на главната расправа. На денешната јавна седница тврдеа дека со нејзиното јавно објавување на обвинетиот му е нарушено правото на приватност и фер судење. Според нив процесот Поткуп е монтиран, а Заев е наместен преку  агент-провокатор, кој Јавното обовинителство го употребил без соодветна судска наредба. 

Обвинителството ги отфрли ваквите наводи со став дека доказот со ПИ мерки за Заев е прибавен законски, а наредбата за снимање постои но таа не е доказ во постапката.  

По денешната јавна седница Апелација во следните денови треба да пресече дали снимката објавена на јутјуб ќе биде дел од доказната постапка. Со одлуката на второстепениот суд ќе се создадат и законски основи за отпочнување на судскиот процес Поткуп, кој скоро две години се одложува од различни причини.