Македонија
25. May 2019 - 16:32

Апел од ренџерите, посетителите во планина да внимаваат на отпадокот

Собирачите на шумски плодови и растенија треба да ја чуваат планината, апелираат од Националниот парк Пелистер.

- После бербата некои несовесни граѓани да остават ѓубре, ја користиме планината, но не смееме да ја загадуваме. Имаме добивка, а оставаме ѓубре, вели Иљо Стерјовски, ренџер во НП Пелистер.

За собирање на овие растенија мора да се има дозвола и легитимација.

- Линцурата е забранета за собирање како атрактивен вид, водиме строго сметка кој, каде и како собира и доколку го нарушуваат тој ред ги опоменуваме, досега не сме имале некој проблем посебен за покренување постапка. Имавме на почетокот на бербата на боровинката за непридржување, затоа што не смее да се собира додека е незрела,  за оние кои вршеа такви прекршоци покренавме судски постапки, изјави Пеце Цветановски, НП Пелистер.

Токму за да се заштити шумскиот растителен фонд од неконтролирано и недозволено собирање, се реализира проектот за Одржливо управување со растителните природни ресурси од Балканската фондација за одржлив развој финансиран од Европската Унија имплeментиран од УНДП. Дел од проектот е и обука за  собирачите.

- Самите собирачи се доста свесни затоа што секоја година тие одат на истиот терен, треба повторно да собираат, затоа ја одржуваат и не прават проблеми. Може да се јави негде, но мислам дека локалното мнаселение е доста свесно, вели Силвана Манасиевска-Симиќ, тим лидер на проектот.

- Редовни берачи сме, боровинка бериме, чаеви, смрека, Пелистерот е многу богат, вели Вера Мушовска, жител на село Нижеполе.

Целта на проектот е да се утврди продуктивноста на одредени видови растенија за кои потоа Министерството за животна средина ќе одреди колку количина може да се собира во НП Пелистер.