Македонија
1. August 2019 - 16:33

Антикорупциската комисија ќе ја преслуша „бомбата“ објавена од опозицијата

Како до партијата ќе стигнуваат разговори со индиции за вмешаност на владини функционери во кирминални активности така ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објавува.

Ова е ставот на опозициската партија за тоа дали поседуваат нови бомби откако вчера објави снимки на кои наводно се слуша како министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и претседателот на огранок на СДСМ во Прилеп Миле Талевски договараат инструкции за гласање на админстрацијата за претседателските избори во корист на Стево Пендаровски.

Од партијата и понатаму бараат обвинителството по службена должност да отвори предмет за да ги истражи наводните злоупотреби за изборни нерегуларност. Подготвуваат и нивна кривична пријава.

„Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на кривично дело“, одговораат од обвинителството.

Извори од таму коментираат дека прво ќе се трага од каде се снимките, а потоа ќе се разгледува и содржината.

„Се уште собираме информации за основот за отворање на предмет по сопствена инцијатива, а заклучокот ќе го објавиме на јавна седница“, коментираат од Антикорупциската комисија која пак, е задолжена за изборни нерегуларности, соопштија од Антикорупциска.

Наредната седница на Комисијата е в понеделник.

Од кабиентот на министерот пак, велат дека немаат коментар за случајот, упатуваат на партискиот став. Од СДСМ го потврдија разговорот, но велат дека се работи за партиски состанок со вообичаени инструкции на партиски членови пред секои избори, а не за незаконски активности и притисок врз администрација.