Македонија
1. јуни 2023 - 21:27

Антикорупциска препознава политичка корупција во законите со знаменце за Бехтел и Енка

Два месеца по откривањето на таблата, денеска беше ископана првата дупка за коридорот 8. Десетмина работници дојдоа, земаа примерок од земјата, се фотографираа и откако функционерите се поздравија, се собраа и си заминаа.

Земја ќе се црпи на секои 100 метри до Струга и ќе се испитува на градежниот факултет. Најпрво ќе се гради спореден пат, а постоечкиот автопат Тетово-Гостивар ќе се руши и ќе се гради нов, со три ленти во двата правци. Првиот човек на ЈПДП вели истовремено се извршуваат четири процеси.

Рустеми рече дека сегашната механизација е домашна, но не одговори колку работници досега се ангажирани и за колку време коридорот ќе биде готов.

Груби, пак, покрај функцијата вицепремиер, министер за политички систем и координатор на проектот, сега ја презема улогата и на уставен судија. Според него нема ништо неуставно во законските измени за кои синдикатите најавија иницијатива за оспорување пред Уставниот суд. Договорот со Бехтел и Енка не им го дале цел на антикорупционерите оти така сакал конзорциумот.

Антикорупциска не го дели мислењето на Груби. За нив законските измени се со голем ризик на корупција.

Ова е третпат власта да означува старт на коридорите. Планот е да бидат готови за помалку од 5 години, а само за градбата ќе бидат потребни најмалку 1,3 милијарди евра.