Антикорупциска и невладините бараат да не се потпишат изгласаните законски измени, професори даваат позитивен став
Измените на кривичниот законик го зголемуваат ризикот од политички пазар и трговија со влијание, обвинува Антикорупциска. Според комисијата, со ова борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна. Претседателката Ивановска вели дека е збунета со експресната постапка во Парламентот, особено што од Правда дале рок до 20-ти септември Комисијата да даде свое мислење на за измените.
Измените на кривичниот законик кои експресно беа донесени, сериозно ќе го поткопаат правниот систем, но и ќе го погазат принципот на владеење на правото, реагираат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Бараат Претседателот Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик.
Не постои оправданост за носењето на вакви измени, сметаат и од Институтот за демократија, од каде велат дека треба да се заостри политиката на казнивост, особено со ваква ниска доверба во судството.
Децидни се дека сите овие отстапки ги ставаат во втор план заложбите за вистински реформи.
Од друга страна пак професорот по кривично право Гордан Калајџиев смета дека не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Со затворски казни како од 19 век, како што вели Калајџиев, само се зголемуваат проблемите.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар