Антички накит од Македонија на изложба во Њујорк
Во Македонскиот културен центар „MC Gallery“ во Њујорк на 13 октомври ќе биде отворена изложба „Накитот низ вековите од Република Македонија“ на Археолошкиот музеј на Македонија. Ќе бидат претставени 68 музејски копии кои се меѓу артефактите накит што биле откриени на тлото на Македонија при ископувањата во изминатите 70 години.
Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева денеска на прес-конференција рече дека артефактите што ќе бидат презентирани претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето што живееле на оваа територија од околу 7000 години п.н.е. до крајот на 20 век.
Посочи дека најатрактивен во античкиот период е накитот од злато од времето на македонското кралство на Александар Велики и неговите наследници. Во комбинација со скапоцени камења, златниот накит прикажува декорации, како гулабици, лавови, сфинги, божества... Изложбата го прикажува и посебниот статус на одредени личности кои своето богатство го користеле во постхумни цели.
- Раниот средновековен период го одбележува времето на конфликтите и поделбите но, пред се, христијанизацијата, која на оваа изложба е прикажана преку парчиња накит како што се бронзени крстови - реликвијари со христијанска иконографија што нуди заштитничка моќ на верниците. Од друга страна, доцниот среден век покажува нов сјај во изработка на накитот со нова техника на филигран и гранулација на сребро. Прекрасната изведба на филигранската техника зрачи со исклучителна убавина и претставува врвен израз на креативноста на македонскиот традиционален накит, истакна Честоева.
Презентацијата на накит ќе биде надополнета и со неколку керамички тоалетни аксесоари за чување антички скапоцени етерични масла, парфеми и шминки, како и кутии за накит. Ќе бидат претставени и антропоморфни теракотни фигурини со украсни елементи од накит.
Мал дел од изложбата ќе биде интерактивен за посетителите, кои ќе имаат уникатна можност на себе да испробаат копии од неколку видови антички накит и со нив да се фотографираат во соодветно адаптиран простор.
Комесар на изложбата е Јане Клековски, а стручни соработници Ѓорѓи Алтанџиев и Наташа Скендерска. Изложбата во „MC Gallery“ во Њујорк ќе биде поставена до 31 октомври.
Ново на Сител
-
Трамп сака да прогласи вонредна состојба во САД за да ја спроведе својата програма за протерување мигранти
-
Притвор за полициски службеник и уште едно лице за продажба на кокаин
-
Крвава расправија на ученици во Тирана, еден починат, двајца повредени, еден приведен од полицијата
-
Двајца маскирани крадци упаднале во замокот „Виндзор“ - домот на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон
-
Евростат: Луксембург најмногу издвојува за здравствената заштита на граѓаните
-
Пласидо Доминго во Скопје
-
Хрватска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и патриотската војна
-
Прва средба меѓу британски и кинески лидер по шест години