Македонија
18. March 2016 - 16:11

Анкета Павел Шатев: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ, над 64% не и веруваат на Катица Јанева

Повеќе од двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ покажува најновата анкета на институтот Павел Шатев.

Истражувањето на јавното мислење спроведено од 13 до 15ти март годинава на репрезентативен примерок од  1.075 испитаници покажува и дека речиси три пати е повисок рејтингот кој го ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ наспроти лидерот на СДСМ.

Според анкетата, на предвремените избори на 5ти јуни за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 37.9 отсто од граѓаните додека за СДСМ ќе се определат 16.1 отсто.

Предноста на Груевски пред Заев е уште поизразена. Дури 52.3 проценти од испитаниците би го избрале Груевски за иден премиер. 19.01 отсто сметаат дека владата може да ја предводи Зоран Заев.

За СДСМ се поразителни и податоците за довербата во Специјалното јавно обвинителство.

Дури 64,3 проценти од испитаниците немаат доверба во работата на Катица Јанева а 67,8 проценти сметаат дека обвиненијата за одредени функционери на власта не се издржани. Високи 88 проценти од испитаниците велат и дека истите тие обвиненија на Специјалното јавно обвинителство за одредени функционери на власта, нема да влијаат на одлуката за кого ќе гласаат на изборите.

За експертите ова е уште еден показател дека сите опструкции на одржувањето на изборите се мотивирани од нискиот рејтинг на СДСМ. Дополнително по оваа анкета е јасно дека за граѓаните работата на Јанева е политички мотивирана со цел притисок врз ВМРО-ДПМНЕ.

- „Ова специјално јавно обвинителство беше формирано со политичка волја за да помогне во расчистувањето на политичката криза која се рефлектира и како еконосмка и безбедносна криза. Но за жал ова обвинителство само ги направи состојбите посложени. Бидејќи, да не се правиме наивни, ова Специјално обвинителство завзема страна“, смета Даштевски.

Во истражувањетона Павел Шатев  кое било спроведено на ниво на Република Македонија, биле опфатени сите шест изборни единици.

Со оглед дека целта на анкетата била да се дознаат перцепциите на граѓаните кои во најголем дел гласаат за двете најголеми партии во Република Македонија, односно за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во анкетата не биле вклучени испитаници Албанци, со оглед дека тие генерално гласаат за етничките албански партии. Сите останати етнички заедници биле вклучени во истражувањето.