Анкета: Мнозинството Германци не гледаат изборни бенефити за конзервативците од замената на Мерц

Мнозинството Германци не веруваат дека конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц би постигнале подобри резултати во анкетите на јавното мислење доколку тој биде заменет со друг лидер од неговата партија, покажа денеска објавената анкета на агенцијата „Форса“ за потребите на радиодифузерот РТЛ и списанието „Штерн“.
Анкетата, пренесува ДПА, покажа дека 53 отсто од испитаниците не мислат дека конзервативниот блок, составен од Христијанските демократи (ЦДУ) на Мерц и нивната баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), би добил поголема поддршка под лидерство на друг канцелар.
Околу 41 отсто од испитаниците рекле дека веруваат дека сојузот би имал корист од промена на раководството.
Дури и меѓу поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ, 42 отсто изјавиле дека конзервативците би имале подобри изгледи со друг канцелар од нивните редови, додека 56 отсто не се согласуваат со ваквото решение, пренесе германската агенција.
Анкетата е спроведена на 28 и 29 мај врз примерок од 1.008 лица.
Наодите доаѓаат откако германските медиуми објавија интерни дискусии од конзервативните кругови за тоа дали Мерц на крајот би можел да биде заменет по тешката прва година канцеларување.
Хендрик Вуст, премиерот на најнаселената покраина во Германија, Северна Рајна-Вестфалија, се споменува како можен наследник, пренесува ДПА.
Шпекулациите доаѓаат во услови на слаби анкети за конзервативците и зголемена поддршка за крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD).
Сојузниците на Мерц силно ги отфрлија шпекулациите. Конзервативниот парламентарен лидер Јенс Шпан во текот на викендот ваквите извештаи за можна смена на лидерот ги опиша како „глупости“, додека Вуст, исто така, рече дека шпекулациите се „едноставно глупости“ и вети целосна поддршка за канцеларот.
Конзервативците на Мерц и нивните коалициски партнери во Социјалдемократската партија (СПД) во моментов се заглавени во тешки преговори за големи реформи на пензискиот систем и здравствената заштита, додека економијата на земјата претрпе тежок удар од војната во Иран.
Генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, ја отфрли дискусијата како вештачка дебата, велејќи дека гласачите се повеќе загрижени за прашања како што се трошоците за енергија и даноците отколку за прашањата за лидерството на партијата, пренесува ДПА.
Ново на Сител
-

Голем успех: Елена Наумова освои втора награда и награда за најдобра композиција на „Балкан Фест“ во Бања Лука
-

Велика Британија ќе ги забрани социјалните мрежи за деца помлади од 16 години
-

Од следната недела значително намалување на цените на бензините - очекува Мицкоски
-

Мицкоски: Раст на индустријата од 7,5% во април, тоа е лоша вест за оние кои не сакаат државата да успее
-

Мицкоски за најавените преговори на ЕУ со Украина и Молдавија: Опозицијата во овие две земји не работи против своите граѓани и влади
-

Мицкоски: За две години имаме исплатено една милијарда денари повеќе субвенции отколку претходната за три години
-

Лани изградени 3 733 станови, со просечна површина од 75 метри квадратни
-

До крајот на неделава сончево, повремено со дожд и температура до 36 степени
