Aнкета Брима Галуп втор дел: 38,3% сметат дека Никола Груевски, повеќе се грижи за националните интереси на Македонија
Според резултатите од последната анкета на „Брима галуп“ 38,3 отсто од испитаниците се изјасниле дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, повеќе се грижи за националните и општите интереси на Република Македонија, а само 17,2 проценти сметаат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е поголем патриот.
Груевски е изборот на граѓаните кога е во прашање премиерска функција. Тие сметаат дека првиот човек на владејачката партија е подобро решение доколку треба да се избира помеѓу него и претседателот на опозициската СДСМ, Заев.
Дури 42,5 проценти се изјасниле дека би го избрале претседателот на владејачката партија. За Заев се одлучиле само 24,1 процент.
Дури 70,6 отсто се изјасниле дека не ги прифаќаат ставовите на првиот човек на СДСМ. Само 17,9 проценти се согласуваат со Заев околу ова прашање.
Граѓаните не веруваат дека опозицијата, доколку ја преземе власта би била подемократска во однос на актуелната власт, така сметаат дури 48,4 проценти, додека 29,2 проценти се изјасниле обратно.
СДСМ не е подобра алтернатива од ВМРО-ДПМНЕ, сметаат поголем дел од македонските гласачи, односно дури 50,8 отсто веруваат дека актуелната власт е подобра алтернатива, а речиси 26,7 отсто се со спротивно мислење.
Граѓаните не веруваат ни дека СДСМ, доколку дојде на власт ќе работи подобро од ВМРО-ДПМНЕ.
Само 25,2 отсто од испитаниците се изјасниле дека СДСМ би работела подобро, наспроти 50,9 проценти, кои сметаат дека опозицијата, доколку дојде на власт, ќе нема подобри мерки и програма.
На прашањето без разлика дали би гласале или не, која партија е поблиска до вашите ставови и лични убедувања, 37,3 проценти се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 проценти за СДСМ.
45,5 проценти од македонските гласачи веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори, а само 16,6 отсто сметаат дека СДСМ би победила.
53,4 проценти од испитаниците веруваат дека актуелната владејачка партија има поголема поддршка, наспроти 18,5 проценти кои се со мислење дека поддршката од граѓаните и е наклонета на СДСМ.
Дури 43,7 проценти се изјасниле дека владејачката партија има подобра програма, наспроти двојно помалиот број граѓани, 22,9 проценти, кои сметаат дека СДСМ има подобра програма.
„Брима галуп“, која работи за потребите на американскиот Интернационален републикански институт, ја спроведе анкетата на барање и во соработка со неделникот „Република“.
Теренската анкета лице в лице е спроведена во периодот од 11 до 17 ноември 2016, при што се анкетирани 1006 испитаници на возраст над 18 години.
-

Ивона Талевска
Сите содржини од овој новинар
