Македонија
19. April 2021 - 15:09

Анкета: 56,5 отсто од граѓаните немаат доверба во Владата

Вкупно 42 проценти од граѓаните имаат доверба во Владата, додека 56,5 отсто се изјасниле негативно во однос на нејзината работа. Меѓу оние кои имаат доверба во Владата, побројни се етничките Албанци (61,8 отсто) и припадниците на помалите заедници (51,5 проценти), за разлика од етничките Македонци, кај кои ваков став имаат една третина (33,9 отсто).

Ова го покажуваат резултатите од последното истражување на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“ посветено на некои актуелни политички прашања. За МЦМС, анкетата телефонски ја спроведе М-Проспект во периодот од 17 до 24 март 2021 година, на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.

Според анкетата, над три четвртини од граѓаните или 78 отсто сметаат дека земјата е во политичка криза, при тоа ваков став имаат 87,6 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и 78,6 отсто од неопределените.

– Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36 отсто рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори. Околу една четвртина веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7 проценти решението е во формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го бирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4 проценти), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47 отсто), наведуваат од МЦМС.

Имајќи ги предвид дискусиите за вклучување на етничката припадност во личните карти, граѓаните во врска со тоа прашање се поделени, односно, 49,7 проценти се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7 отсто не се согласуваат. Поддршката, се посочува во соопштението, е поизразена кај етничките Албанци (83,5 проценти) и припадниците на помалите заедници (77,3 отсто).

Во анкетата биле вклучени и прашања за пописот и односите со Бугарија при што резултатите покажале дека мнозинство од граѓаните или 60,8 отсто не веруваат дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5 проценти).

За над половина од граѓаните или 53,6 отсто односите со Бугарија се развиваат во негативен правец. Разлики во ставовите има врз основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.

Резултатите од истражувањето за делот за локалните избори ќе биде презентирани до крајот на неделата, се додава во соопштението на МЦМС