Бизнис
18. October 2019 - 10:21

Ангеловска: ММФ два пати ја зголемува проекцијата за раст на македонската економија

Во услови кога Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намалува проекцијата за глобалниот раст, по втор пат годинава ја зголемува проекцијата за растот на македонската економија. Ова значи дека изгледите за растот на македонската економија се добри, а уште побитно е дека зборуваме за раст кој се должи на добри резултати во сите економски сектори, рече во интервју за Гласот на Америка, министерката за финансии Нина Ангеловска, која учествува на Годишните средби на Светска банка  и ММФ во Вашингтон.

Ангеловска истакнува дека економијата бележи раст на широка основа.

– Кога споменувате за корекцијата на ММФ за светската економија добро е да се каже дека втор пат ММФ нагорно го корегира растот на македонската економија. Ова е најнов податок од вчера и растот е проектиран на 3,2 проценти, односно ревидиран по првата ревизија во април, што значи дека добри се изгледите за растот на македонската економија.  Добро е што може да се каже дека зборуваме за раст на една широка основа, при раст на инвестициската активност, раст на градежништвото, на потрошуваката, на извозот, кредитирањето на приватниот скетор. Оттука си даваме за право да кажеме дека македонската економија е во добра кондиција, се движи одлично и оти е реално очекувањето да достигнеме проектираниот раст од 3,5 проценти, што воедно е проекција на Министерството за финансии и на Народната банка, вели Ангеловска.

Во однос на глобалните економски движења министерката посочува дека македонската економија е мала и отворена и затоа будно се следат движењата на глобално ниво.

-Ние имаме извоз кон Европа од 82 проценти, од друга страна извозот кон Германија учествува во портфолиото со 49 проценти. Меѓутоа ако ги погледнеме актуелните бројки во периодот јануари – август извозот кон Германија бележи 20 проценти раст, исто така растот кон ЕУ бележи раст од 13 проценти. Можеме да кажеме дека кон Германија имаме нееластична побарувачка, бидејќи тоа се договори кои македонските компании ги имаат направено на подолг рок. Важно е да ги следиме движењата. За нас како мала и отворена земја е важно да се следат мерките и политиките на глобално ниво. Треба да сме флексибилни да се адпатираме и да применуваме мерки кои што ќе овоможат да растеме и еве тоа сме го докажале со резултати кои ги имаме во економскиот раст оваа година, рече Ангеловска.

ММФ во вчерашниот извештај ја ревидира стапката на раст за македонската економија годинава од три во априлската прогноза на 3,2 проценти. За наредната година ММФ предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година 3,5 отсто.

Од земјите во регинот годинава најголем раст се прогнозира во Косово од 4,2 отсто, 3,5 отсто Србија, три отсто Црна Гора, Албанија и Хрватска. За наредната година се предвидува раст од четири отсто во Косово и Албанија, 3,5 во Србија, 2,7 во Хрватска, 2,5 во Црна Гора.

До 2024 годинаво во регионот растот ќе достигне до четири отсто во  Србија, Албанија и Косово, БиХ три отсто, Црна Гора 2,9 и Хрватска два отсто.

ММФ ја намали прогнозата за растот на светската економија на три отсто, што е 0,2 процентни поени пониска од последната априлска прогноза.

На средбите во Вашингтон, делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска -Бежовска и министерката Ангеловска, оствари повеќе работни состаноци со претставници на меѓународните финансиски институции и организации.