Македонија
17. October 2016 - 17:10

Андраж Чарни утре ќе ја прими наградата „Клучевите на Преспа 2016“

Градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски утре на д-р Андраж Чарни, предавач и стручен соработник на Словенечката академија на науки и уметности, ќе му ја врачи наградата „Клучевите на Преспа“ што традиционално се доделува во рамки на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Годинашен добитник на оваа награда е и академик Владо Матевски, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и потпретседател на МАНУ, кој наградата ја прими на отворањето на годинашното фестивалско издание.

Наградата „Клучевите на Преспа“ се доделува за нивниот особен придонес во проучувањето на флората во Македонија, и особено за уникатната флора на планината Галичица, коешто e публикувано во бројни научни публикации. Со тоа не само што ја збогатија сферата на своето специфично научно делување, туку и посредно го афирмираа и преспанскиот регион во еден поширок контекст.

Врачувањето на наградата ќе биде во просториите на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕФТА, Скопје.

Минатата година добитници на „Клучевите на Преспа“ беа Гзавиер Боне од Франција и академик Вера Битракова од Македонија.