Македонија
11. јуни 2022 - 21:16

Анализа: Зошто меѓу невработените има и 100 доктори на науки и 1.500 магистри?

Над 1.500 магистри и околу 100 доктори на науки се невработени во земјава. Колку овој степен на образование се вреднува кај нас? Според деканот на филозофскиот факултет, заинтересираноста за надоградување на знаењето после факултет драстично опаѓа, бидејќи во земјава при вработување најчесто се бара само завршено високо образование, па затоа надоградувањето на знаењето најчесто е поради личен успех. Ако порано имало 350 лица кои запишувале мастер студии сега бројката едвај достигнува 50.

Со завршени мастер и докторски студии единствено во земјава може да се работи на некој од универзитетите, но поради немање кадровска автономија најдобрите кадри заминале да работат во европските факултети.

На факултетите има потреба од нов кадар, а деканот Дуев вели дека постојано апелираат за нови вработувања, но сепак процедурата треба да помине низ неколку министерства.

Третиот сет на податоци од пописот покажува дека во земјава има околу 110.000 невработени лица, половина од нив се со средно образование, додека пак 14% од невработените се со завршен факултет.