Македонија
10. August 2022 - 16:39

Анализа: Што ќе донесе планираната даночна реформа?

Најавената даночна реформа не е праведна. Вака аналитичарите ги коментираат измените во даночната политика што министерот за финансии ги презентираше во јавноста. Сметаат дека проекциите се реални и ќе се соберат планираните 54 милиони евра во буџетот на годишно ниво. Но, според нив, проблемот е во тоа што парите нема да се земаат од тие кои имаат повеќе, туку дополнително ќе ги осиромашат ниската и средната класа.

Даночниот експерт Павле Гацов вели дека доаѓа време за враќање на потрошените буџетски пари во последните две години, кои не произлегуваа од раст на економијата, туку од задолжувања.

„Најавата за проширување на даночната основица, односно најавеното намалување и укинување на даночните ослободувања ќе ја зголеми ефективната даночна стапка и даночниот товар на деловните субјекти од формалната економија кои и досега плаќаа даноци, за сметка на субјектите од неформалната економија кои ќе продолжат да ги уживаат сите привилегии на јавните услуги обезбедени од страна на државата на товар на централниот буџет, без притоа да плаќаат за нив“, објаснува Гацов.

„Се чини дека и овој пат заради заштита на бизнис интереси, фискусот пропушта да го оданочи екстра профитот што во услови на криза го остваруваат некои сектори/субјекти“, вели Гацов.

И Филков смета дека вака скроената даночна реформа само дополнително ќе ја поттикне сивата економија и работата надвор од легалната зона.

Иако измените треба да стартуваат од 1 јануари и според Јовановиќ има доволно време за да се спроведе реформата но, забелешките се во тоа што се воведуваат нови даноци без јавна дебата.

Реформите предвидуваат низа нови давачки и укинати олеснувања и привилегии. Ќе се менува даночната основа за ДДВ, персонален данок и данокот на добивка. Работодавачите ќе плаќаат дополнително пензиско осигурување. За хонорарците се воведуваат придонеси. Се враќа прогресивниот данок, а ќе има и данок за каматите од штедните влогови. Компаниите ќе плаќаат данок и за добивката што ја реинвестираат, а фирмите со мали приходи кои беа ослободени од данок, сега ќе плаќаат 1%. Данок ќе има и за донации во спортот, а се укинуваат повеќе основи за даночно ослободување.

Според Гацов, наместо зголемувањето на даночниот товар, потребни се мерки за брзо истиснување на готовината од оптек, засилување на контролите на терен заради работењето на црно, неиздавање на фискални сметки и сл., потоа мерка за регистрација на нерегистрираните субјекти од неформалната економија, со давање на грејс период за неплаќање на давачките, како и обезбедување на механизам за поедноставување на сите процеси за нив кои се поврзани со државата.