Анализа: Како да се намали бројот на кучиња скитници?
Страв кај едни, грижа кај други. Додека граѓаните реагираат на глутниците кучиња низ град, прифатилиштата се преполни, а решението не е ни на подвидок.
138 заловени улични кучиња во април, 122 во мај. Јавното претпријатие Лајка веќе работи со преполн капацитет. Има можност да згрижи 140 кучиња, но таму веќе се наоѓаат 180.
Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати на улица за 20-тина дена. Вака вели законот. Но, сепак постојат кучиња кои со години се чуваат во шелтерот како питбули и шарпланинци, бидејќи како што вели директорот тие не можат едноставно да се вратат на улица, мора да бидат вдомени од лица кои знаат да ги дресират.
На пример, во Загреб како успешен модел се покажал Законот кој налага ветеринарите да ги чипираат сите кучиња кои доаѓаат кај нив.
„Сите се тргнати од улица бидејќи не се означени со чип. Во ЕУ задолжително мора да се означат со чип сите кучиња, следни ќе бидат и мачките. Така да, сите ветеринари мораат да го означат секое животно и на толку лесен начин го решивме проблемот со кучињата скитници“, изјави Татјана Зајец, директор на прифатилиште за бездомни животни Думовец, Загреб.
Кај нас ваков закон има од 2018 година – дека секој сопственик треба да си го чипира кучето. Но, казните за негово непочитување се премногу мали, ценат експертите и треба да бидат поголеми за да функционира.
„За жал бројот на сопственици со микрочипирани кучиња е многу мал, некаде околу 50 проценти од вкупната бројка на кучиња во градовите не се микрочипирани“, изјави проф. Влатко Илиески, Факултет за веринарна медицина.
Вкупниот број на кучиња во државата, мора да се знае и пред да може да се отпочнат какви било иницијативи, меѓу кои и градење на гробишта за домашни миленици.
Лани биле вдомени 30% од кучињата, но Лајка очекува годинва да ја заокружи со над 2.000 заловени кучиња – што е двојно повеќе од лани. Се подготвуваат и измени на Законот во однос на добивање оштета при каснување на куче, бидејќи праксата покажува дека сите спорови се во корист на каснатите граѓани без притоа да се изврши контрола за конкретните случаи.
Додека надлежните тешко се справуваат со проблемот, дел од активистите сами се обидуваат да им го олеснат животот на бездомните кучиња...што пак предизвикува револт кај други граѓани дека обидот да се реши еден создава нов проблем со хигената.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
