Анализа: Дали владиката Петар сака да ја врати жената во средниот век?
„На нашето општество му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија, родовата едвакност. Оваа идеологоија, односно, манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена.“
Скандалозното велигденско послание на владиката Петар не престанува да ја бранува јавноста. Остри реакции пристигнаа од секаде, а Сојузот на жени ќе бара и расчинување на владиката за кого е страшно ако една жена е разведена или пак самохрана мајка.
-Ова е недолично однесување и нашето барање до МПЦ и г.г. Стефан. Бараме прием. Утре ќе го испратиме нашиот допис. Дали е тоа став личен или е став и на МПЦ?, вели претседателката на Сојузот на жени, Савка Тодоровска.
Тодоровска смета дека ваквиот говор на омраза кон 51% од популацијата може да го наруши местото на жената во општеството.
-Ова, како високо начелство од МПЦ, воколку застане зад ова. Тоа значи дека жените да бидат како и денес. Верувам дека тоа ќе има негативна појава, вели Тодоровска.
Според Ирена Цветковиќ од коалицијата Маргини, сега МПЦ-ОА треба јавно да се произнесе и за родовата еднаквост, но и за еднаквоста како концепт.
-Да се нападнат жените заради нивната еманципација. Со такви зборови или дефиниции, да се сатанизира родовата еднаквост, и да се прикажат иницијативите за приближување на еднаквите можности помеѓу мажите и жените како перверзија или изопаченост, всушност претставува аларм дека одредени структури во Македонија заговараат регрес и враќање во мрачно минато, вели Цветковиќ.
Цветковиќ вели дека секоја сите верски институции во државата треба да се обединат во решавање на сиромаштијата, смирување на општествените конфликти, а не да придонесуваат кон разделби и конфликти.
-Конечно, да почнат да дејствуваат во склад со идеологијата и верата која ја проповедаат, вели Цветковиќ.
Ниту министерката Тренчевска не штедеше зборови. На личниот профил на Фејсбук напиша дека жените не бараат повеќе права, туку исти права и можности како и мажите.
-Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија, вели Тренчевска.
Од комисијата за спречување на дискриминација засега не го коментираат навредливото послание, но очекуваат претставка од некое од здруженијата кои се занимаваат со родовата еднаквост.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар