Анализа: Дали институциите ќе реагираат на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“?
Отворањето на бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид, закажано за следната седмица, повторно ги разгоре страстите во Македонија.
По бурните реакции и палењето на клубот „Ванчо Михајлов“, се поставува старото прашање – има ли државата институционален капацитет да спречи регистрирање на здруженија со контроверзни историски имиња?
Додека се чека новиот Закон за здруженија и фондации, за таа цел Владата формираше Советодавно тело, кое треба да даде мислење за тоа дали некоја личност е погодна, за по неа да биде насловено некое здружение.
Се состои од седум члена, но како што изјави за Сител еден од нив професорот Минов, тие се уште не го одржале првиот состанок.
Агендата на ова тело ја креира Владата, но попладнево од „Илинденска“ не добивме информација за тоа кога би била првата средба на оваа група.
Со контроверзните имиња на здруженија се занимава уште едно тело, а тоа е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Но и оттаму не добивме одговор што се случи со претставката за клубот „Ванчо Михајлов“, чија одлука беше најавена за пред две седмици.
Правниците, пак, децидни – државата може и мора да преземе поригидни дејствија.
„ЈО треба да преземе акција согласно со Кривичниот законик член 139 – разгорување на расна, социјална и национална омраза бидејќи ги повредува чувствата на Македонците. Праксата на ЕС за ЧП оди во насока на забрана на вакви здруженија...”
На најавите за отворање на клубот „Борис Трети“, со ваква правна акција се заканија од Еврејската заедница од Македонија.
Отворањето на центарот „Цар Борис Трети“ е закажано за 7-ми октомври во Охрид, а како специјален гостин е најавен бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој го финансирал клубот.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар