Македонија
13. December 2022 - 21:16

Анализа: Дали е возможно да се надополни изгубената настава поради лажните дојави за бомби во училиштата?

Речиси две недели до крајот на полугодието, а учениците треба да ги одработат пропуштените часови поради се почестите дојави за бомби, но дали има време да се надополни пропуштеното?

Од Министерството за образование топката ја префрлаат на директорите на училиштата- тие треба да изнајдат начин како да го надополнат изгубените часови. Доколку не стигнат до крајот на ова полугодие, часовите ќе се одработуваат после распустот.

МОН не го сфаќа сериозно овој проблем, смета претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ. Како што веќе започна и регионот со дополнителна онлајн настава за пропуштените часови, истото треба да го практикуваат и училиштата во нашата земја каде имаше дојави за бомби или пак учениците да подготват семинарски работи за пропуштените часови, смета Јаневска.

Гимназијата Орце Николов беше една од главните кои беа на удар на дојавите на бомби. Директорот вели веќе започнале со надополнување на пропуштеното- и онлајн и со физичко присуство.

“Часовите кои се пропуштени се надополнуваат онлајн, но и со физичко присуство. Учениците доаѓаат пред да им започнат часовите или пак остануваат по наставата за дополнителни часови. Договорот е индивидуален помеѓу секој професор и учениците, а до крајот на полугодието ќе бидат одработени пропуштените часови”, вели директорот Митко Димовски  за Сител.

Најзасегнати од актуелната ситуација се матурантите за кои учебната година трае пократко, а и дополнително треба да се подготвуваат за матурските испити.