Аналитичарите порачуваат дека реформите се поважни од партиските интереси, партиите чекаат кој прв ќе попушти
Власта и опозицијата можат да постигнат политички договор околу новиот закон за јавно обвинителство само доколку во фокусот на мешовитата работната група се реформите во правосудството што ги бара Европската Унија, а не статусот на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева, сметаат политичките аналитичари.
Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ предводени од адвокатот Тони Менкиноски и министерката Рената Дескоска синоќа ги приближија ставовите околу надлежноста и организацијата на државното јавно обвинителство, но не и за СЈО.
Опозицијата бара СЈО да стане одделение во рамките на обвинителство за организиран криминал и корупција. За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив предлогот Јанева самостојно да го креира својот буџет без можност за никакви интервенции во него. Не е прифатливо ни овој состав на СЈО да продолжи со работа.
За СДСМ пак, предлозите на опозицијата се неприфатливи и со нив постои опасност од амнестирање за некои предмети. Инсистираат на тоа Јанева да го доврши својот мандат.
Ден по првата работна средба партиите оставаат простор законот за обвинителството да биде усогласен, но само ако другата страна направи отстапки.
Наредниот состанок на работната група е закажан за во петок. Ден претходно ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достави своите забелешки во форма на амандмани. Планот е законот да биде изгласан до 1 април од кога парламентот ќе паузира поради претседателските избори, а и ќе помогне за подобра оценка на Брисел за нашите евроинтеграции.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар