Балкан
27. September 2019 - 14:59

Амнeсти Интернешнел: Сериозно влошување на условите за барателите на азил на грчките острови

Во изминатите седмици е регистрирано сериозно влошување на и онака неприфатливите услови со кои се соочени рекордниот број бегалци и баратели на азил на островите во Егејското море, соопштуваат од Амнeсти Интернешнл- Грција.

– Грчките власти заедно со останатите земји членки на ЕУ и европските институции би требало веднаш да најдат одржливо решение за луѓето да бидат безбедни и да гарантираат дека нивните политики ќе одговараат на меѓународните модели, соопштуваат и упатуваат повик до членките на унијата да покажат солидарност и да се согласат на преместување на бегалци и мигранти за да се намали притисокот врз Грција, која „до денес прими 32.685 лица од 59.503 луѓе кои во Медитеранот пристигнаа по морски пат во 2019“. Од Амнести Интернешнл изразуваат загриженост за ситуацијата и условите во прифатните центри, за владините мерки за зајакнување на контролата на границите, за ситуацијата на Лезбос и Самос каде што се сместени бегалци и мигранти, од четири до осум пати повеќе од предвидениот капацитет, но изразуваат загриженост и за децата без придружба, jави дописничката на МИА од Атина.Велат дека имаат информации за 69 деца кои во несоодветни услови се држат во притворен центар. – Потсетувајќи дека држењето на децата мигранти, според европското право, треба да се користи „исклучиво како крајно решение“ и „за најкраток временски период“.

Амнести Интернешнл ѝ препорачува на грчката Влада да преземе итни мерки за пренесување на децата во соодветни услови, каде ќе се почитуваат нивните права и ќе ги исполнуваат нивните потреби, пишува во соопштението. Од Амнести Интернешнл на грчката Влада ѝ посочуваат дека треба: да гарантира дека секој обид за реформа на грчкиот систем за азил ќе биде целосно компатибилен со човековите права; да преземе мерки со кои ќе се гарантира дека при контролата на границите приоритет ќе има заштитата на човековите животи и да преземе итни активности за заштита на барателите на азил и бегалците, да им обезбедите услови за живот што ќе ги задоволат нивните потреби, а акцентот да биде ставен на децата без придружба кои се лишени од слобода.