Балкан
13. March 2019 - 11:04

Амнести: ЕУ е соучесник во насилството врз мигрантите во Хрватска

Невладината организација Амнести Интернешанл (АИ) ја обвини Европската Унија дека е соучесник во насилството на хрватската полиција врз мигрантите.

Организацијата предупреди дека „пред вратите на ЕУ“, односно преку Хрватска и Босна и Херцеговина, се одвива „сериозна хуманитарна криза“.

Минатата година, околу 25.000 мигранти од Азија, Африка и од Блискиот Исток се обиделе да влезат во ЕУ од БиХ преку Хрватска. Една третина од овие мигранти тврдат дека биле изложени на насилство од страна на хрватската полиција, како тепање и заплена на лични документи, пари и телефони.

АИ предупредува дека полициската бруталност на хрватските власти оди на сметка и на самата Европска Унија, бидејќи таа „продолжува да алоцира значајни фондови за поддршка на граничната безбедност во Хрватска“.

– Европските влади не само што замижуваат пред бруталните напади на хрватската полиција, туку ги финансираат нејзините активност, стои во соопштението на Амнести.

Откако беше затворена балканската рута преку Македонија и Србија, мигрантите и бегалците најчесто поминуваат преку БиХ. Минатата недела, босанскиот министер за внатрешни работи Драган Мектиќ предупреди дека очекува зголемување на бројот на мигранти преку оваа рута.