Американска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Калифорнија

Новиот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ утре ќе ја има американската премиера на фестивалот „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија. Филмот ќе биде прикажан четири пати во програмата „Живот“ која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.
Реномираниот „Синеквест“ е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.
Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. Изминатава недела петтиот игран филм на Манчевски, кој е американско-германската копродукција, беше премиерно прикажан и во Европа - на „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, и на белградски ФЕСТ, каде режисерот е на чело на меѓународното жири. На ФЕСТ беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.
Во текот на март „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.
Бикини Мун Дејвис ја глуми Кондола Рашад, која беше три пати номинирана за бродвејската награда „Тони“ („Ромео и Јулија“ со Орландо Блум, „Куќа за кукли“ - втор дел). Бикини е харизматична жена-војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.
Ново на Сител
-

Садула Изаири од тетовскиот суд освои најмногу гласови за член на Судски совет
-

Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-

Финансиска полиција со кривична против претседателот на Регулаторна, Бислимовски тврди дека постапките биле законски
-

ИЈЗ: Се намалува бројот на болни од грип, но ширењето на вирусот се уште е со среден интензитет
-

Камионџиите ја прекинуваат блокадата на границите, иако ЕУ не понуди брзо решение
-

Кривична за Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
-

Европската унија допрва ќе го решава проблемот на камионџиите
-

СДСМ со закон ќе бара 600 евра минимална плата
