Македонија
11. January 2018 - 17:33

Амбасадорката Јовановска Типко на проштална средба со Дачиќ

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ денеска во Белград ја прими во проштална посета македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко.

На средбата, јави дописникот на МИА од Белград, министерот Дачиќ изрази благодарност до амбасадорката Јовановска Типко за успешната и блиска соработка за време на нејзиниот мандат во Белград.

Како што соопштуваат од српското МНР, министерот Дачиќ истакнувајќи ги бројните посети на официјалните лица на двете држави во изминатиот период, посебно укажал на важноста од јакнењето на искрениот и интензивниот политички дијалог меѓу двете земји.

Во разговорот на средбата е изразено меѓусебното очекување дека престојната трета заедничка седница на владите на Република Србија и Република Македонија, која треба да се одржи во првиот квартал годинава во Белград, дополнително ќе придонесе кон продлабочување на многу добрите билатерални односи и на соработката помеѓу двете земји.

За време на разговорот, взаемно било посветено големо внимание на можностите за унапредување на соработката меѓу двете држави на економско поле.

Мандатот на македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко во Белград и истекнува на 1. февруари, годинава.