Бизнис
20. јуни 2022 - 21:16

Амандманот на ССМ за повисоки плати извиси и во Собранието - задутре почнува генерален штрајк

Сè поизвесен е штрајкот на јавниот сектор. Од Сојузот на синдикати на Македонија се разочарани бидејќи иако оставија дваесетина дена за мирно решавање на спорот, сепак до сега никој од надлежните ниту ги контактирал, ниту ги свикал на состанок. Велат дека не отстапуваат од своите барања за линеарно покачување на сите плати во јавниот сектор за 2.806 денари, колку што се покачи минималецот, нов колективен договор и враќање на регресот за годишен одмор во висина од 30% до 100% од просечната плата во земјава.

Но, очигледно дека дел од пратениците остаа глуви на апелот од Синдикатот. Попладнево во рамки на комисиската расправа за ребалансот не беше прифатен амандманот со кој вработените во јавниот сектор би го добиле покачувањето.

За овој амандман гласале само шестмина, додека против биле осум пратеници од редовите на СДСМ и ДУИ. Претседателот на Комисијата, Стојаноски, вели дека за амандманот повторно ќе се расправа.

Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира и дека целта не е да помогне на ССМ туку да го суспендира договорот на Владата со СОНК за покачување од 15 % на платите во образованието и континурано покачување согласно методологијата.

„ВМРО ДПМНЕ на овој начин бара помало зголемување на платите во образование и детска заштита од 11,5%. Преку социјален дијалог со ССМ, како репрезентативен синдикат, може да се дојде до системско решение за што преговорите траат. Владата нуди системско решение преку воспоставување на нова методологија која значи постојан раст на платите во јавен сектор. До крај на годината ќе се донесе нов закон за платите во јавниот сектор, кој ќе ги воедначи разликите и ќе воспостави систем на плати во јавниот сектор“, пишува во одговорот од владејачката СДСМ.