Алиу: Законот ги штити децата и непушачите, усогласен е со сите засегнати страни

Ја заокружуваме целокупната консултативна и институционална постапка за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи. Ова не е закон што се носи набрзина, ниту закон што се носи без слушање на засегнатите страни. Напротив, ова е закон што помина низ широка, инклузивна, детална и аргументирана постапка на усогласување меѓу државните институции, со инспекциските и надзорните органи, со претставниците на тутунската индустрија, со угостителскиот сектор, со експертската јавност и со граѓаните преку можноста што ја имаа преку ЕНЕР, рече министерот за здравство Азир Алиу на денешниот завршен состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор што се одржува во Владата.
На состанокот е присутен и премиерот Христијан Мицкоски.
- Причината поради која ни е потребен нов закон произлегува од тоа што постојниот закон е донесен во 1995 година и, иако во меѓувреме имал девет измени, повеќе не одговара на денешната реалност. Денес не зборуваме само за класични цигари. Имаме електронски цигари, како и несогорливи тутунски производи кои се нови форми на употреба на никотин и тутун што технологијата постојано ги развива, истакна Алиу.
Според него, податоците се недвосмислени и тие се основата на јавно-здравствениот пристап.
- Тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13 проценти од сите смртни случаи во државата. Економската загуба се проценува на 38 милијарди денари, односно над 600 милиони евра годишно, што претставува околу 5,16 проценти од БДП. Меѓу младите на возраст од 13 до 15 години, 13,6 проценти користат тутунски или никотински производи, што е највисока стапка од 2002 година. Дополнително, 73 проценти од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Истовремено, 86,9 проценти од младите поддржуваат забрана за пушење во затворени јавни простори, посочи министерот.
Ова, дополни, покажува дека станува збор за прашање на јавно здравје, заштита на децата, заштита на непушачите, заштита на работниците и создавање јасни правила во јавниот простор.
Алиу потенцира дека Законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, но, ја уредува, како што нагласи, нивната употреба и промоција таму каде што таа влијае врз здравјето на други луѓе.
- Новиот закон носи конкретни и мерливи придобивки. Обезбедува чист воздух во затворени јавни и работни простори. Ги опфаќа новите производи, вклучително електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Ја зголемува заштитата на децата преку намалување на нормализацијата, присутноста во училиштата, заштита во приватно возило во присуство на дете, како и на 20 метри од влезовите на здравствени, образовни инстиутции и установи за деца. Законот ја затвора и сивата зона за терасите. Стариот закон само велеше дека пушењето е дозволено на тераси, без доволно јасни услови за нив. Новиот закон воведува јасни и спроведливи критериуми, како на пример, терасата мора да биде отворена од најмалку две страни, укажа Алиу.
Во делот на рекламирањето, промоцијата, спонзорствата, законот, информира министерот, воведува сеопфатна забрана која ги опфаќа онлајн платформите, социјалните мрежи и инфлуенсерскиот маркетинг - канали, рече, што не постоеја кога се носеше стариот закон, а денес имаат силно влијание, особено врз младите.
- Посебно важно е што законот воспоставува функционален надзор. Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно затоа што законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен, подвлече Алиу.
Во изминатиот период беа одржани седум работни состаноци со претставниците на тутунската индустрија и пет работни состаноци со претставниците на угостителскиот сектор. Текстот на законот беше усогласен со повеќе државни институции и со 14 инспекциски и надзорни органи за да има јасни правила, прецизни надлежности и функционална примена.
Преку јавната расправа на ЕНЕР беа разгледани 58 коментари од граѓани, трговци, здруженија и експерти.
- Во процесот имавме и значајна експертска поддршка од Светската здравствена организација, особено во делот на јавно-здравствените стандарди и обврските што произлегуваат од Рамковната конвенција за контрола на тутунот, за што изразувам искрена благодарност. Пред нас имаме текст што е резултат на комплексен процес на слушање, аргументирање и усогласување. Овој закон ги штити оние кои најмалку можат да се заштитат сами - децата, вработените и непушачите. Денес ја финализираме оваа фаза од постапката. Следниот чекор е разгледување на Предлог-законот на седница на Владата, а потоа, согласно процедурите, негово понатамошно процесирање во Собранието, заклучи министерот Алиу.
МИА
Ново на Сител
-

Кочани доби Центар за поддршка на момчиња и мажи
-

Преглед на вестите од светот
-

Петрова: Условот е европски
-

Тема на денот со Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието
-

Планот на Мерц пред лидерите на Западен Балкан во Тиват
-

СДСМ: Младите на референдум да одлучат за иднината
-

Гужвите на Богородица продолжуваат - Грција бара нови решенија
-

13 годишник загина возејќи електричен тротинет во Куманово - дали е потребна построга регулатива?
