Македонија
31. March 2023 - 16:34

Алијанса не отстапува од промените во Уставот за албанскиот јазик

Алијансата за Албанците не се откажува од барањето заедно со вметнување на Бугарите во Уставот да се официјализира и албанскиот јазик. Лидерот Таравари преку фејсбук статус застана зад министерот за правда Кренор Лога кој прв го промовираше ова барање

Алијансата за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува погрешно 20%.

Предлагаме оваа промена да се случи сега и сме убедени, не само во согласувањето на албанските партии, туку и на сите партии во Македонија

 Министерот Османи не го коментираше ставот на Таравари,  но најави средба на коалициските партнери и оние кои ги поддржуваат уставните измени.

– Не мислам дека треба сега преку медиуми да си кажуваме ставови по однос на тоа што е нашата позиција туку треба да седнеме и да видиме кои се околностите, кои се можностите кои се приоритетите на државата. Така да очекувам на таа средба секоја партија да си ги каже своите ставови и очекувам дека без многу дебата ќе постигнеме одлука за тоа како понатаму – изјави Османи.

Од Министерството за правда претходно најавија дека се очекува до крајот на наредната недела да биде формирана работната група за уставните измени, во која ВМРО ДПМНЕ  најави дека нема да учествува.