Македонија
10. August 2017 - 14:49

Активни повеќе пожари на територијата на Македонија

На територија на Македонија моментално активни се повеќе жаришта на пожари во општините Македонски Брод и Чашка, каде има прогласено и вонредена состојба, како и пожари во општините Кавадарци, Кичево, Долнени, Прилеп, Тетово и Брвеница, информираше денеска портпаролот на Центарот за управување со кризи Надица Вчкова.

- Во општина Македонски Брод во моментов присутни се жаришта во атарот на селото Растеш, место викано Секулово Гумно и м.в. Коритски дол во подножјето на Сува Гора на атар на село Волче м.в. Мрамор. Појавен е нов пожар во атар на село Грешница во непосредна близина на претходниот, изјави Вчкова.

Посочи дека во моментот таму се ангажирани еден хеликоптер на АРМ, кој дејствува и на атарот на селата Брест, Растеш, Волче и Заград.

- Пожарот во општина Чашка, кај месноста викана Јасеновска глава е се уште активен. Гори нискостеблеста шума и сува трева. За гасење на пожарот ангажирани се вработени од шумско стопанство „Бабуна“ од Велес, изјави Вчкова.

Пожарот на отворен простор, продолжи Вчкова, на подрачјето на село Галиште во општина Кавадарци се уште е активен и на негово гасење работи екипа на ЈП „Македонски шуми“, подружница „Бор“.

- Во општина Кичево, пожарот на м.в. Фрлогоец на планината Бистра е активен и се шири кон дабова шума. Екипи на шумското стопнаство „Лопушник“, единици на локална самоуправа од Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување и РЦУК од Кичево се на лице место, изјави Вчкова.

Пожарот настанат вчера, посочи портпаролот на ЦУК, кај новите градски гробишта во Прилеп од запален отпад, сува трева и гранки, за брзо време е проширен и опожарена е површина од околу 60 хектари, во која дел и борова шума.

- Моментално пожарот е активен во мал дел во близина на село Горно Село и Мраморани, во општина Долнени, како и Мажурчиште во општина Прилеп. Моментално гори сува трева, смрека и друга деградирана шума, но според информациите кои ги имаме нема опасност од загрозување на манастирот Трескавец. Во моментов има екипи на ТППЕ од Прилеп, од единица на локална самоуправа, ЈП „Комуналец“ од Прилеп, планинарско друштво „Картуш“ од Прилеп и други доброволци, изјави Вчкова.

Во тетовскиот регион, додаде, активен е пожарот над село Копанце, Туденце и Сиричино, во општина Јегуновце, каде гори сува треба и нискостеблести жбунести растенија на карпест и тешко пристапен терен.

- Пожарот во атарот на село Гургурница во општина Брвеница е активен. Гори сува трева и пасишта. Според оние информации со кои располагаме нема опасност од проширување и зафаќање на шумата, изјави Вчкова.