Македонија
6. January 2021 - 8:33

Активни 18046 случаи на Ковид-19 во земјава, минатата недела намален бројот на позитивни и на починати

Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 18046 од кои 10840 се од Скопје. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат вкупно 889 пациенти заболени од Ковид-19.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 година се бележи намалување на бројот на нови позитивни случаи, на починати, како и на бројот на тестирани на коронавирус во однос на неделата пред неа. Регистрирани биле 2329 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 30,9 проценти. Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.086; 46,6 отсто). Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21,6 отсто, намалување од 4,1 отсто. Во истиот период биле пријавени 93 починати од 22 града, со намалување од 27,9 отсто. За 17,9 отсто е помал бројот на тестирани на коронавирус. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, за оздравени се водат 3884 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 84709, бројката на оздравени пациенти е 64104, а на починати 2559.

Владата на вчерашната 37.седница го усвои и записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Ковид-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше и членовите на Владата дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година, дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании, соопшти владината прес- служба.

Министерот Филипче информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на коронавирусот донеле резултати.

Владата на седницата ја усвои информацијата за давање согласност за преземање обврски на Министерството за здравство за набавка на вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации за потребите на населението за тригодишен период и тоа од јануари 2021 – декември 2023 година, стои во соопштението.

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска вчера на редовната прес-конференција апелираше до сите граѓани и до стопанствениците и за време на празниците да ги почитуваат мерките.

– Да празнуваме одговорно, во кругот на семејството, да се воздржиме од прослави и да нема групирања. Надлежните инспекциски служби и во текот на наредните денови ќе спроведуваат интензивни контроли на терен, сè со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, рече Грашковска.