Македонија
19. September 2021 - 8:21

Активни 13.261 случаи на Ковид-19

Со есенските месеци ризик факторите да се добие Ковид-19 ќе бидат многу високи. Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи до граѓаните да се вакцинираат. Според податоците од синоќа од Институтот за јавно здравје, од направени 5589 тестирања има 539 нови случаи на Ковид-19, 41 починато лице и 245 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во државава е 13.261.

– Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно, рече вчера  Филипче.

Филипче, во изјава за Телевизија Сител, вчера посочи дека откако започна вакцинацијата, и сега, со амплификацијата на целиот процес со новите мерки ситуацијата е многу подобрена, но, само кај вакцинираните граѓани.

– Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани, кажа министерот.

Филипче нагласи дека најавените нови мерки со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.

Во однос на ситуацијата, Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок преоптоварен е и здравствениот систем, и обратно, онаму каде што има опфатот со вакцинација е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија.

Министерот, на прашањето за третата доза вакцина, истакна оти најверојатно трета доза вакцина ќе биде потребна за сите граѓани.

– Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата „Фајзер“. Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сеуште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака.  Имаме голема разлика кај различни возрасни категории. Вкупниот број на вакцинација е 37 проценти на целокупното население, најмалку со една доза 45-6 проценти од граѓанте и околу 55-6 проценти кај граѓаните над 40 години. Како расте возрасната група на граѓани така се зголемува опфатот со вакцинација на пример близу 70 проценти од граѓаните над 70 години се вакцинирани, рече Филипче.

Независната советодавна комисија на американската Управа за храна и лекови (ФДА) изгласа препорака за трета доза на вакцина против Ковид -19 за Американци на возраст од 65 години и постари, како и за лица со висок ризик од тешки болести, откако со големо мнозинство е одбиена препораката за нејзина поширока примена. Комисијата, исто така, препорача ФДА да ги вклучи во одлуката здравствените работници и другите луѓе со висок ризик од професионална изложеност на коронавирусот, како на пример просветните работници.

Научната заедница во САД во изминатите денови е поделена околу потребата за трета доза и околу прашањето кој треба да ја прима, додека Светската здравствена организација не се согласува богатите земји да им даваат трета доза на своите жители, додека сиромашните држави немаат доволно вакцини ниту за прва доза.

Од почетокот на пандемијата вкупниот број ковид-дијагностицирани во државава изнесува 186.549, бројот на оздравени пациенти е 166.851, а на починати е 6.437.