Македонија
30. May 2018 - 16:33

Ако Заев и Ципрас постигнат договор Македонија ќе добие ново име во ОН ова лето

Нема конечен договор додека не се договори се, оцени премиерот Заев по однос на шпекулациите за името Северна  Македонија, опсегот на употреба и уставните измени и периодот за негово имплементирање за кои пишуваат медиумите.
 
Премиерот очекува да се направи исчекор по разговорот со Ципрас.
 
,,Се уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коцијас договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста. Веднаш штом ќе имаме информација транспарентно ќе ја споделиме со јавноста. Чесно е да се разговара покрај за правно формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Овде во Македонија сите стоиме зад референдумот, а Грција има за тоа разбирање. Логично е да се постават чекорите на спроведувањето на евентуалниот договор‘‘, изјави Заев.
 
Заев не сакаше да открива детали од потенцијалниот договор, но потенцира дека негова ратификација во Собранието е неопходна за да се упати покана за членство во НАТО и да се дозволи почеток на преговори со ЕУ, пред прашањето да биде ставено на референдум.
 
,,Ратификацијата на договорот е нешто зад што застануваат двете влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам дека тоа ќе биде многу големо мнозинство, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време. Ќе се договориме сите чинители во државата кога да се одржи тој референдум и преку него граѓаните ќе ни ги дадат насоките. Но, истовремено, граѓаните што ќе излезат на референдум сакаат да ги знаат ставовите на политичарите и тоа е отворено и транспарентна постапка и начин на кој се решаваат проблемите, изјави Заев.
 
Детали од последната средба на шефовите на дипломатиите не откри ниту грчкиот премиер. Ципрас најави дека се наѕира решение.
 
,,Преговори со кои управувавме и продолжуваме да управуваме со чувство на одговорност и патриотизам. Но, и со решителност и верба во потребата за изнаоѓање решение. Тоа се обидуваме да го сториме, работејќи на решение, затоа што веруваме дека можеме да ја вратиме водечката позиција на земјата на Балканот‘‘, рече Ципрас.
 
Ципрас потенцира дека не се осврнува на политичката цена, туку дека работи на решение.
 
Грчка То Вима, пак пишува дека по ратификуваниот договор во македонското Собрание, тој ќе биде депониран во Обединетите Нации како анкес на извештајот на медијаторот Нимиц, и во Советот за безбедност, на чија агенда се уште е спорот за името, со што БЈРМ веднаш ќе прифати промена на името, за почеток за секаква меѓународна употреба, мултилатерална и билатерална.