Македонија
13. November 2018 - 11:30

Акција на водостопанство „Битолско Поле“ за чистење на каналската мрежа во Пелагонија

Градоначалникот на општина Новаци Љубе Кузманоски изврши увид на текот и динамиката на акцијата за чистење на каналите од каналската мрежа во Пелагонија и подрачјето кое е во надлежност на локалната самоуправа.

Кузманоски информира дека вкупната должина на мрежата од канали за собирање и истек на вода при поројни дождови изнесува околу 20 километри.

– Механизацијата на водостопанство „Битолско поле“ е во атарите на нашите села. Активностите почнаа од атарот на селото Живојно, потоа се чистеше на потегот од селото Гнеотино кон селото Брод, а се чисти канал во атарот на селото Рибарци во должина од 12 километри. Каналската мрежа која во целост треба да биде исчистена од бујната вегетација и од разни отпадоци, е водолжина од над 20 километри, потврди Кузманоски.

Водостопанското претпријатие „Битолско Поле“ деновиве ги чистеше помалите канали и во селата Долно и Горно Агларци, информираа од општина Новаци за комуналната акција која е во тек.